Прекрасна духовна атмосфера владееше вчеравечер во предворјето на црквата „Света Софија“ каде во рамките на фестивалот „Охридско лето“ настапи машкиот вокален ансамбл „Ноктурно“ од Белград, Србија.
На големиот православен празник „Успение на Пресвета Богородица“, овој вокален ансамбл под диригентското раководство на Ѓорѓе Станковиќ изведе познати духовни композиции од православието.
– Задоволен сум од настапот, но некако сите сме во грч заради пандемијата. Пејачите беа надвор од редовниот режим веќе шест месеци и требаше да се вратат во пејачка, а и јас во диригентска кондиција. Но сметам дека го оправдавме нашето присуство. Владееше пријатна духовна атмосфера на овој голем светол ден. Да не звучам претенциозно, но на некој начин ја имавме и заштитата на Пресвета Богородица за време на концертот. Сигурен сум дека секој што беше присутен беше допрен од она што ние го избравме како репертоар. Тоа се почувствува и во поздравот на публиката преку бурните овации – изјави маестро Станковиќ.
Според Станковиќ, уметниците во моментов се соочуваат со опстанокот на нивната професија, но како што рече, не само ним, туку и на секој човек му е неопходна духовна храна што се негува токму преку уметноста.
– Навистина се радувавме што повторно доаѓаме во Охрид. Бевме во неизвесност дали ќе се одржи фестивалот, но пријатно се изнанедивме кога ни јавија дека сепак организаторите ќе го реализираат. Тоа е навистина за пофалба, зашто колку што гледам спроведени се сите безбедносни мерки кои се препорачани, но и задолжителни. Не штедевме време и труд, само за да дојдеме во едни вакви необични околности. Во моментов се бориме за опстанокот на нашата професија зашто таа е многу експонирана и деликатна за одржување во ваков животен тек. Ние живееме од тоа, тоа е уметност. Сите треба да сфатат дека треба да живееме од уметноста. Не само што нас ни е потребна, туку на секој човек му треба духовна храна што се негува преку уметноста – додаде диригентот Станковиќ.
Машкиот вокален ансамбл „Ноктурно“ постои веќе 15 години и е составен од професионални уметници кои ја негуваат традиционалната и духовната музика. Синоќешниот настап беше втор нивни концерт во Охрид. Во април, минатата година, во пресрет на големиот христијански празник Велигден, вокалниот ансамбл „Ноктурно“ одржа голем велигденски концерт како дел од дополнителната програма на „Охридско лето“ што беше организирана надвор од стандардниот фестивалски термин. Тогашниот репертоар беше составен според значењето на Великата Седмица во која се наоѓаше православниот христијански свет, со духовна музика од српски и руски композитори.