Фото: Маја Јаневска-Илиева

Македонија во старите книги, патописи, карти, мапи, документи и весници (20)

Десеттомниот опус насловен „Патописи“ (Seyahatnâme) од османлискиот автор Евлија Челеби претставува фундаментален споменик на исламската и турската книжевна традиција. Во квантитативна и квалитативна смисла, овој масивен литературен потфат се издвојува како најдолгото и најсеопфатно патописно дело создадено во рамките на османлиската културна сфера. Неговата вредност не произлегува само од неговата физичка должина туку пред сè од богатството на урбанистичките, географските, социолошките и филолошките описи, кои ги надминуваат границите на обичниот патен извештај и преминуваат во специфичен книжевен жанр. За да се разбере суштината на ова дело, неопходно е да се деконструира поетиката на Челебиевата нарација, која се одликува со неколку структурни и стилски специфичности.
Значењето на овој потфат станува уште поизразено кога ќе се согледа историскиот контекст: во ерата кога го создавал ова колосално дело, Евлија Челеби немал директен вистински претходник или обликуван традиционален модел во османлиската писменост од кој би можел да црпи искуство или методолошки пример.
Секој авторитетен писател неодминливо го рефлектира духот и општествено-политичкиот поредок на епохата во која дејствува. Евлија Челеби ги обликувал своите „Патописи“ во текот на XVII век – период што во османлиската историја е обележан со владеењето на султанот Мурад Четврти, како и со административното дејствување на битолските садразами (големи везири) Мехмед-паша и Фазил Ахмед-паша. Соодветно на тоа, делото нуди многуслоен, нијансиран и сеопфатен приказ на османлиската држава и општество од овој историски интервал.
Примарната цел на неговите повеќедецениски патувања била регистрација, систематизација и детален опис на сите области, географии и народи што влегувале во составот на Османлиската Империја или граничеле со неа. Географскиот радиус на неговите истражувања е од импозантни размери. Тој лично ги прошетал и документирал следниве региони и земји:
Блискиот Исток и Северна Африка: Анадолија, Сирија, Ирак, Иран, Египет, Крит, Хиџаз, Етиопија и Судан;
Југоисточна и Централна Европа: Румелија (Балканот), Романија, Словачка, Трансилванија, Молдавија, Австрија, Унгарија, Полска, Германија, Холандија, Босна и Далмација;
Црноморскиот и Кавкаскиот Регион: Украина, Јужна Русија, Крим и Кавказ.
Во сите овие простори, Челеби применувал темелна аналитичка матрица. Неговите описи не се задржуваат само на површински импресии туку длабински ги опфаќаат следниве сегменти:

Општата географска, топографска и историска состојба на населбите.
Структурата на локалната административна и воена управа.
Архитектонските објекти, нивната градежна состојба, историјата на изградба, датумите на реновирање, како и имињата на ктиторите, градителите и обновувачите.
Демографските и етнографските особености на локалното население, вклучувајќи ги нивниот јазик, верска припадност, фолклорни обичаи и регионална култура на исхрана.
Социјалната стратификација, истакнатите личности во заедницата, како и односите помеѓу муслиманското и немуслиманското население.
Истражувањето на текстот на Челеби бара познавање и на компликуваниот процес преку кој неговите ракописи стигнале до современата научна јавност. Иако неговото дело настанува во XVII век, за негово прво печатено издание се чекало речиси два века.
Румелија и македонските градови (содржани пред сè во петтиот и осмиот том) претставуваат еден од најважните примарни извори. Во овие томови детално се обработени голем број градови и населби: Скопје, Велес, Куманово, Штип, Битола, Ресен, Кратово, Прилеп, Струмица, Крива Паланка, Кочани, Дојран, Охрид, Струга, Радовиш, Валандово, како и регионот Преспа.
Текстот на Челеби е напишан на османлиско-турски јазик од XVII век. За тогашните стандарди, авторот се служел со релативно едноставен и разговорно близок јазик. За да го засили естетскиот ефект, Челеби често користи имагинација, суптилен хумор, а на одредени места и свесно преувеличување (хипербола). Неговата нарација преплетува објективно набљудување со субјективни авторови коментари и мисли, што на текстот му дава посебна динамика.
Запознавањето на македонската читателска јавност со овој материјал се случува во 1980 година, кога книжевникот и преведувач Илхами Емин го објавува преводот на македонски јазик насловен „Евлија Челеби за Македонија“, во издание на куќата „Слово“. Овој превод бил направен врз основа на турското издание подготвено од Мехмет Зилиоглу од 1980 година (Mehmet Zillioğlu, Evliya Çelebi, Evliya Çelebi Seyahatnamesi, Üçdal neşriyat – Istanbul, 1980). Со оглед на тоа што подоцна во Турција се појавуваат новите критички изданија на „Јапи Креди“, современата наука укажува дека токму тоа најново критичко издание треба да послужи како основа за сите идни научни преводи и истражувања поврзани со македонската култура и историја.

Анализа на македонските градови во записите на Челеби

При престојот во македонските градови, Евлија Челеби применувал конзистентна методолошка матрица. Неговите описи редовно го следат следниот аналитички редослед: Историја на местото, топонимија и потекло на името, административна и воена управа, географска положба, клима и природни ресурси, архитектонски објекти (тврдини, џамии, амами, цркви, чешми), чаршија, стопанство и занаети, демографија, луѓе, нивниот начин на живот, обичаи и култура на исхрана. Челеби покажал длабоко познавање на османлиската воена и политичка историја. При описот на Скопје, тој ја забележува следната историска белешка за неговото освојување: „За време на Бајазит Молњевитиот, градот го освоил Гази Евренос-бег. Притоа, Бајазит-хан, задоволен од неговата вода и воздух, престолнината на државата понекогаш од Едирне ја преместувал во Скопје, каде што презимувал, а потоа преземал широки освојувачки походи низ околните земји“.
Авторот посветувал големо внимание на етимологијата и народните преданија за имињата на градовите. За Велес (Köprülü), Челеби нуди податоци што ја поврзуваат историјата на тврдината со изградбата на мостот на реката Вардар:
„Истоимената тврдина ја изградил крал деспот. Во името на Гази Худавендиѓар-бег ја освоил Тимурташ-паша. Овој преку реката Вардар изградил цврст мост, поради што градот и се нарекол Ќуприли…“
Описите на управните структури се меѓу најценетите сегменти во патописот, бидејќи нудат прецизен увид во османлискиот бирократски систем.
Скопје: Според административниот регистар (tahrir) на султанот Сулејман Законодавецот (Сулејман Величествениот), Скопје имало статус на посебен санџак во рамките на Румелискиот ејалет. Челеби бележи: „…Скопје е посебен санџак во Румелиската провинција на Османлиската Империја, при што станува садака на бројни мирмирани со два туга. Има свој санџачки бег, кој управува со 500 војници, заминува во походи кога за тоа ќе добие наредба… Во владеењето со Скопје учествуваат скопскиот алајбег, черибашијата, џузбашијата, шејхулисламот и накибул-ешрафот…“
Битола (Manastır): За Битола, Челеби пренесува дека претставувала исклучително важен центар и била доделена како приватен посед (хас) на принцезата Фатма Султан, ќерка на султанот Ахмед Први: „…Битола, која се наоѓа во Румелиската област, е хас на Фатма Султан, ќерка на султанот Ахмед Хан. Со градот управува војвода. Во него има шејхулислам, накибулешраф и претставува шериф кадилак… Инаку, Битола е седиште на спахиски ќетхуда, јаничарски сердар, градски војвода, емин-баждар, градски ќетхуда, мухтесиб-ага, баждар и мимарбаши, односно градски архитект…“

м-р Никола Ристевски

(продолжува)