Охрид и Преслав – почетокот на две книжевни традиции

МАКЕДОНСКИОТ ЈАЗИК МЕЃУ НАУКАТА И ПОЛИТИКАТА (2)

Ако сакаме да разбереме зошто македонскиот и бугарскиот јазик денес се два посебни литературни јазика, тогаш не треба да почнеме од нивната кодификација во XX век. Одговорот треба да се побара многу порано – во средновековната словенска писменост.
Во современата славистика, широко е прифатено дека старословенскиот јазик, првиот литературен јазик на Словените, е создаден врз основа на словенските говори од околината на Солун. Научните темели на ова гледиште, познато како Македонска теорија за дијалектната основа на старословенскиот јазик, ги поставуваат уште кон крајот на XIX век Ватрослав Јагиќ и Ватрослав Облак. Применувајќи го компаративно-историскиот метод и споредувајќи ги најстарите словенски ракописи со живите словенски говори од солунската област, тие покажуваат дека јазикот на Светите браќа Кирил и Методиј се темели врз македонските говори на три села од околината на Солун, Сухо, Висока и Зарова.
Врз овие говори Светите Кирил и Методиј во IX век ги преведуваат богослужбените книги и ја создаваат глаголицата – првото словенско писмо. Со тоа се поставуваат темелите на словенската писменост и на старословенскиот јазик.
По неуспехот на Моравската мисија, дел од нивните ученици наоѓаат прибежиште во тогашната бугарска држава, каде што кнезот Борис им овозможува да ја продолжат просветителската дејност. Но набргу се појавуваат различни погледи за натамошниот развој на словенската писменост. Според толкувањето на академик Петар Хр. Илиевски, „Најревносниот поборник за Кириловото глаголичко писмо и дело, Климент, сигурно му се спротивставил категорички на кнезот Борис (…)“ кој „не го отфрлил Климента, туку му дал услови за работа, само во зафрлен, провинциски крај, далеку од престолнината“. Така Климент, на кој нешто подоцна ќе му се придружи, и Наум ќе ја продолжат својата просветителска дејност на југозападот од денешна Македонија, каде што ќе ги постават темелите на Охридската книжевна школа.
Неколку години подоцна, на Црковно-народниот собор во Преслав во 893 година, кирилицата е прогласена за официјално писмо во источните делови на тогашната бугарска држава. Оттогаш Охридската и Преславската книжевна школа започнуваат да се развиваат како два книжевни центра со различни особености.

Фото: „Нова Македонија“

Како што забележува Блаже Конески, Охридската книжевна школа се изделува по употребата на глаголската азбука и по подоследното придржување кон јазичните и редакциските особености на најстарите кирилометодиевски текстови, за разлика од Преславската школа, во која се забележуваат поголеми јазични и редакциски подновувања.
Овие разлики не остануваат ограничени само на изборот на писмото. Тие постепено се одразуваат и врз правописот, јазикот, преведувачките принципи и книжевната традиција. Затоа францускиот славист Андре Вајан ќе зборува за старомакедонска и старобугарска редакција, нагласувајќи дека меѓу нив постојат разлики во јазичните и редакциските особености.
Токму во тие средновековни книжевни традиции треба да се бараат почетоците на различните историски развојни патишта на македонскиот и на бугарскиот јазик.
Во следното продолжение ќе видиме како овие две традиции се одразиле врз создавањето на современите македонски и бугарски литературни јазици.

(Продолжува)