Фото: З.А.

Денес за прв пат на градскиот плоштад во Кичево беше организиран хуманитарен базар на Здружението на родители на деца со пречки во развојот „Надеж“ од Кичево. На овој базар на продажба беа понудени ракотворби, традиционална храна на етничките заедници што живеат во овој регион и други артикли.

Хуманитарниот базар беше солидно посетен од граѓаните на Кичево, а собраните пари ќе бидат наменети за натамошни активности на „Надеж“, потврди главниот иницијатор на овие активности, Горан Нестороски.

-Денес за прв пат нашето здружение организира хуманитарен базар, на кој на продажба беа понудени ракотворби, традицинална храна на етникумите што живеат во овој регион и други артикли. Во создавањето на овие продукти и артикли учествуваа членови на „Надеж“ со пречки во развојот. Собраните средствата ќе бидат наменети за посета на манастирот Трескавец кај Прилеп и други манастири и верски објекти, а за другиот викенд планираме учество на панаѓурот што ќе биде организиран во Прилеп. Интересот на граѓаните од Кичево да купат некоја од понудените намирници беше голем и тоа не мотивира овој базар да го организираме секоја година и да стане традиционален – рече Нестороски.

З.А.