„Скопскиот моден фестивал“ е нова забавна манифестација што ќе ги обедини сите еминентни дејци од креативната индустрија, а истовремено ќе им даде простор и на младите таленти да ги промовираат своите дела, најавуваат организаторите. Првата сезона на настанот ќе се одржи во март со модни ревии и перформанси, ексклузивна продажна изложба, дигитални проекции и изложби, богата музичка програма и гала-вечер со црвен килим за свеченото отворање.
– Целта на фестивалот е да биде прослава на модата во сите можни форми, доближувајќи ја до што поголем број публика, бидејќи македонската дизајнерска сцена го заслужува тоа. Промоцијата на креациите не завршува со моделските чекори на писта или со едноминутното видео на социјалните мрежи. Низ серија активности сакаме да поттикнеме масивен одзив во јавноста – истакнуваат организаторите на манифестацијата.
Заштитни лица на првата сезона се трите сестри Ангелина, Ива и Сандра Китановски, на кои им беа доверени главните улоги во најавното видео за фестивалот, снимено под режисерска палка на Филип Пашоски. Во модното видео и едиторијал со југоносталгичен дух и футуристички мотиви се застапени креации од последните колекции на Евгенија Зафировска, Стефанија Насеска, КТН, Мирјана Јосифоска и „Ла дама“. Како стилистка на кампањата се потпишува Веселинка Паневска, додека автори на фотографите се Филип Пашоски и Сони Романов. Уметнички директор и извршен продуцент на настанот е Милан Атанасов.