Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека Владата е заинтересирана да дознае повеќе детали за предлогот на германскиот канцелар Фридрих Мерц за постепена интеграција во Европската унија.
Одговарајќи на новинарско прашање, Мицкоски потврди дека ќе присуствува на претстојниот Самит на Европската унија и Западен Балкан во Тиват, каде што очекува да бидат претставени подетални информации за новите европски иницијативи.
– Овие идеи и размислувања ги слушаме подолго време, но не би можел да коментирам додека не станат официјални. Канцеларот Мерц најави ваков развој уште на состанокот на Берлинскиот процес во Лондон минатата година – изјави Мицкоски.
Тој додаде дека очекува на самитот во Тиват, кој ќе се одржи на 4 и 5 јуни, да бидат претставени повеќе детали за концептите и можностите што се разгледуваат за регионот.
– Љубопитни сме да дознаеме повеќе каква е идејата. Откако ќе имаме повеќе суштина, тогаш ќе можеме и да зборуваме во јавност – истакна премиерот.
Мицкоски денеска присуствуваше на отворањето на трговски центар во Гевгелија.


































