Според економските експерти и бизнис-секторот, ваквите мерки на замрзнување на цените не може да траат до недоглед. Тие на краток рок може да дадат резултати за смирување на инфлацијата, но на долг рок може да доведат до нарушување на пазарот во вид на намалување на квалитетот и недостиг од овој вид производи на пазарот
Владата одлучи да ја продолжи мерката „гарантирана цена на прехранбените производи“ до 29 февруари
Лебот, брашното, оризот, бисквитите, наполитанките, тестенините, месото и производите од месо, млекото, јајцата, сирењето, кашкавалот и другите млечни производи ќе имаат ограничени цени до крајот на февруари наместо до 31 јануари. Владата одлучи да ја продолжи мерката „гарантирана цена на прехранбените производи“ до 29 февруари. Владата, по предлог од Министерството за економија, го продолжи времетраењето на одлуката за највисоки цени, но таа не е добро прифатена ниту кај стопанствениците ниту кај дел од експертската јавност, кои сметаат дека е погрешен чекор и предизборен потег. Сепак, граѓаните се задоволни затоа што се плашат дека без ограничена цена, храната ќе поскапи.
Според Ангел Димитров, претседател на собранието на Организацијата на работодавци на Македонија, ваквите мерки на замрзнување на цените не може да траат до недоглед. На краток рок може да дадат резултати во смирување на инфлацијата, но на долг рок може да доведат до нарушување на пазарот во вид на намалување на квалитетот и недостиг од таквиот вид производи на пазарот.
– Дали веќе има последици од оваа мерка, засега знаеме само за позитивните ефекти врз намалувањето на инфлацијата, а за негативните ефекти немаме доволно информации. Долгорочното решение би било во вид на стимулации и реформи за зголемување на домашното производство на овие производи и олеснување на увозот т.е. укинување на некои увозни бариери, ако имаме конкурентно производство во други држави – потенцира Димитров.
Како што вели тој, во минатото државите честопати за ова користеле разни бартер-аранжмани, каде што на државно ниво се договарал извоз на наши стоки во одредена земја и увоз на одредени стоки што се дефицитарни кај нас.
– Во секој случај, мора да бидеме внимателни, затоа што Македонија е мал пазар и со слаба економија, така што од една страна немаме доволно домашна понуда на разни стоки, а од друга страна лесно се создаваат монополски здруженија што ја користат таквата положба – укажува Димитров.
Стопанската комора на Северозападна Македонија (СКСЗМ) посочи дека продолжувањето на оваа мерка е многу штетно за компаниите.
– Слободната пазарна економија е доведена во прашање со многубројните интервенции на Владата, со што се стимулира сивата економија, а во меѓувреме целите на нашата земја се нејзино елиминирање, но и промовирање на слободната конкуренција. При донесување вакви одлуки, потребно е привремено да се укинат даноците или царинските стапки за да се избегне недостигот од тие производи на пазарот, но и да се заштитат домашните производители. Со намалувањето на цените на овие производи, загрозен е квалитетот на производите, со што домашните производители ќе мора да работат со загуба – наведуваат од СКСЗМ.
Министерот за економија Крешник Бектеши во јавноста изјави дека продолжувањето на мерката за замрзнатите цени никако не е предизборен потег. Тој вели дека на ова биле принудени затоа што сѐ уште нема законско решение за нефер трговски практики што е целосно усогласено со директивите на ЕУ, а со цел да не се дава можност за злоупотреба од страна на трговците.
– Владата го прати законското решение со европско знаме, но Собранието сѐ уште не го стави на дневен ред и затоа сме принудени да донесеме привремени мерки за замрзнати цени, односно за продолжување, кои сега ќе важат до крајот на февруари. По техничката влада, Собранието ќе продолжи со работа и ќе имаме можност да имаме законско решение и јас се надевам дека ќе биде изгласано. На седница на Владата само ја продолживме истата мерка, каде што највисоките цени на основната храна се цените од ланскиот август минус 10 отсто. Со оваа мерка веќе ја намаливме инфлацијата – рече Бектеши.