Една жена загина, а три лица се повредени во напад со дрон на украинската армија во текот на ноќта врз Москва, соопшти гувернерот на Московската област Андреј Воробјов.
Претходно беше објавено дека жртва на нападот со дрон било деветгодишно момче, што Воробјов го негираше, пренесуваат руските медиуми.
Почината е 46-годишна жена (претходно имаше информации за смрт на деветгодишно момче, што не беше потврдено), напиша Воробјов на платформата Телеграм.
Тој додаде дека две лица се хоспитализирани во болница во областа Рамен.
Во текот на ноќта руските системи за противвоздушна одбрана соборија дваесетина украински беспилотни летала над московските населби Подолск, Раменскоје, Либерци, Думдедово и Коломна.
Во Раменски од нападот оштетени се две станбени згради.
Московските аеродроми Домодедово и Внуково привремено ги прекинаа летовите.
Руското Министерство за одбрана утринава соопшти дека во текот на ноќта биле пресретнати и уништени вкупно 144 украински беспилотни летала, што биле лансирани во девет руски региони.
Претходно, регионалните власти известија дека се уништени 75 дронови.
Според ажурираните информации на руското Министерство за одбрана се наведува дека 72 беспилотни летала се уништени или пресретнати над регионот Брјанск, 20 над Московскиот регион, 14 над регионот Курск, 13 над регионот Тула, осум над регионот Белгород, седум над Калуга, пет над Воронежската област, четири над Липецката област и еден над Ориолската област.