Нов земјотрес со интензитет од 5,7 степени по Рихтеровата скала е регистриран денеска во Романија, соопшти Европскиот медитерански сеизмолошки центар.

Земјотресот е регистриран во 13 часот и 16 минути на длабочина од 10 километри, на 73 километри североисточно од градот Дробета-Турну Северин.

Земјотресот беше почувствуван во Србија и во Македонија.

-Телеметриската сеизмолошка мрежа на Македонија, со станици во Скопје, Валандово, Охрид, Штип и Пехчево, одржувана од Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, денеска регистрираше земјотрес 365 километри североисточно од Скопје кој потекнува од епицентрално подрачје во Романија, информираат од Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет Скопје.

Според досегашните податоци со кои располага опсерваторијата, земјотресот се случи во 14 часот и 16 минути со Рихтерова локална магнитуда ML 5.8 и интензитет од IV степени според Европската макросеизмичка скала.