Украина доби само 30 отсто од милион артилериски гранати што Европската унија вети дека ќе ги испорача, изјави денеска претседателот на таа држава Володимир Зеленски.
– Од милион гранати што ни ги вети Европската унија, за жал, не дојдоа 50 отсто, туку само 30 отсто – рече Зеленски на прес-конференцијата со бугарскиот премиер Николај Денков во Киев.
Денков денеска го посети Киев, имаше средба со Зеленски и ја потврди поддршката на Бугарија за Украина. Тој истакна дека бугарската влада стои на страната на правдата и ќе продолжи да ја брани независноста, суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина.
– Нашата поддршка за Украина е заштита на самите нас – рече Денков на заедничкиот брифинг со Зеленски.
Според него, „амбициите за руска агресија се директна закана за националната безбедност на Бугарија“.