Руските сили веќе го заземаа градот Кремина на линијата на фронтот во регионот Донбас, но Украинците тврдат дека го препуштиле градот за да стекнат подобри одбранбени позиции и оти ќе ја задржат непријателската офанзива, пишува „Форин полиси“. Русите во меѓувреме почнаа со напредување кон стратешки важниот Краматорск.
Битката за Донбас на стероиди – ново поглавје на источниот фронт во Украина
Регионалниот гувернер истакна дека Украинските војници ја напуштиле Кремина, откако градот со нешто повеќе од 18 илјади жители стана цел на „напади од сите страни“. Кремина се наоѓа во близина на територијата што е под контрола на проруските сепаратисти.
– Кремина е под контрола на Русите. Тие влегоа во градот. Нашите бранители мораа да се повлечат. Тие се утврдија на нови позиции и продолжуваат да се борат со руската армија – напиша Сергеј Хаидаи, гувернерот на регионот Луганск, додавајќи оти не може да се процени колку точно цивили загинале во конфликтот во кој се водат и улични борби.
Рускиот гамбит на Донбас – три полиња за пресудната битка
Американските власти истакнаа дека Русија се осигурува дека офанзивата во Донбас нема да се претвори во логистички кошмар како обидот за заземање на Киев.
– Руската војска се обидува да научи и да се адаптира во однос на некои грешки што претходно ги направи во војната, особено околу Киев. Ние веруваме дека нивна намера е да нападнат од северот и од југот и да го отсечат Донбас од Украина – кажа извор од САД за „Форин полиси“.
Очекуваната пресудна битка за Донбас ќе се разликува од сите досегашни
Дел од европските функционери веруваат дека Украина би можела да ја сопре руската офанзива во таканаречената „битка за Добас“ и покрај тоа што е послабо вооружена и со помал број на војници, поради комбинација на ефективен отпор и воената помош од Западот.
– Ќе биде тешко, многу, многу тешко, но Украинците се самоуверени – вели извор од Источна Европа за „Форин полиси“.
Рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу истакна дека следна фаза од воената операција претставува ослободувањето на Донецк и Луганск од Украина. Руските сили се регрупираа од првата фаза на војната, насочувајќи повеќе трупи во Источна Украина.