Западните лидери и аналитичари изразија сомнеж за руската одлука за делумна мобилизација, бидејќи сметаат дека новите трупи не се доволно обучени, а го доведуваат во прашање и нивниот морал. Токму затоа, повеќемина западни воени експерти мислат дека руските резервисти не би биле ефективни на бојното поле, ако воопшто бидат распоредени во Украина.
Рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу вчера изјави дека делумната мобилизација најавена од рускиот претседател Владимир Путин се однесува на лица со воено искуство, соопштувајќи оти ќе бидат повикани 300.000 резервисти. Шојгу рече и дека оние што ќе бидат повикани ќе поминат воена обука пред да бидат распоредени.
Не е јасно кога и како новомобилизираните руски сили би можеле да се приклучат на војната. Русија има повеќе од два милиона резервисти, но се проценува оти мал дел од нив имаат редовна обука. Аналитичарите се скептични дека делумната мобилизација ќе има брзорочен ефект на бојното поле бидејќи би биле потребни неколку месеци за обука на резервистите, како и за оформовување на нови единици со логистичка поддршка, иако вклучувањето на оние со претходно воено искуство би можело да го скрати тој процес.
– Можат да спроведат ист вид на мобилизација како што правеа со доброволните единици, при што во Украина видовме војници со обука од месец или два. Тие веројатно нема да бидат борбено способни – смета Мејсон Кларк, аналитичар од Институтот за проучување на војната.
Дел од западните експерти не можат да проценат колку бргу новите руски сили ќе бидат распоредени во Украина, ако воопшто дојде до тоа. Двајца европски претставници задолжени за надгледување на руската војска, велат дека не е нужно оти новите војници ќе одат во Украина, туку би можеле да останат во Русија за да ги заменат оние што војуваат.
– Уште нема одговор за ефектот од мобилизацијата, во однос на ситуацијата на фронтот во Украина, како и на политички план во Русија – вели еден од соговорниците на американскиот магазин „Форин полиси“.
На Западот сметаат дека постои проблем и во поглед на расположението на новите регрути.
– Ставањето на новаци на фронтот носи низок морал, а оние што не сакаат да бидат таму создаваат уште проблеми – истакна поранешниот американски генерал во Европа, Марк Хертлинг, преку Твитер.
Се истакнува и дека западните лидери веќе подолго време предидуваа дека каков било обид на Кремљ за мобилизација на трупи за војната ќе создаде незадоволство во Русија, а проценуваат дека делумната мобилизација е спротивна на наративот според кој оружениот судир во Украина е окарактеризиран како специјална операција во Русија.
Во руската специјална операција во Украина првично беа распоредени околу 180 илјади војници, според западните проценки. Во студија од 2019 година се проценува дека Русија има четири до пет илјади резервисти што поминуваат редовна месечна или годишна обука, иако во 2021 година беше покрената иницијатива за создавање на постојани резервни единици.