Русија не крие дека нејзиниот буџет трпи поради намалувањето на приходите од извозот на енергетски производи поради ембаргото за увоз на руска нафта на Запад. Но овој сложен процес предизвика нејзино пренасочување кон нови пазари со лимит на извозната цена, како и намалување на испораките на природен гас во Европа
Како испораките на руска нафта достигнаа највисоко ниво од почетокот на 2022 година
Според анализите на повеќе западни медиуми, буџетските приходи во првите четири месеци од оваа година се пониски за околу 17 отсто, што е значително повеќе од прогнозата на руската влада.
Каква аномалија детектирале западните медиуми што се одразува и на „полнењето на рускиот буџет“?
Во полнењето на рускиот буџет, западните медиуми пишуваат дека е присутна една „аномалија“ за која, веројатно, „западните земји би требало да бидат свесни“. Имено, и покрај најавите на Русија за намалување на производството на нафта за 500.000 барели дневно (бпд), „извозот на руска сурова нафта по морски пат достигнува рекорди“?!
Токму ова се анализира во написот што деновиве го објави американскиот специјализиран медиум „Оилпрајс“, чиј автор е Том Кул. Во него исто така се цитираат информации од американски „Блумберг“.
Извозот на руска сурова нафта по морски пат достигна ново високо ниво од 3,55 милиони барели дневно (бпд) во четирите недели заклучно со 5 мај, што е најголемата пратка барем од почетокот на 2022 година, покажаа податоците за следење на танкерите, следени од „Блумберг“.
Испораките на руска сурова нафта продолжија да растат во изминатите четири недели, според податоците објавени од Џулијан Ли од „Блумберг“, и покрај инсистирањето на Русија дека го намалува производството на нафта за 500.000 барели дневно или повеќе.
Русија во февруари предупреди дека ќе го намали производството на сурова нафта за 500.000 барели дневно поради забраните за увоз на ЕУ и ограничувањата на цените на нејзината сурова нафта и нафтени производи. Првично, Русија соопшти дека ова намалено производство ќе важи до март. Но вицепремиерот Александар Новак во март најави дека кратењата ќе бидат продолжени.
Намалувањата од 500.000 барели дневно сега ќе бидат продолжени до крајот на 2023 година, но податоците за извозот на сурова нафта во последните недели не одразуваат никакви намалувања – напротив, извозот на руска сурова нафта по морски пат се зголемува.
Целиот руски извоз сега оди кај два најголеми азиски увозника
На четиринеделна просечна основа, испораките на руска сурова нафта до 5 мај се зголемија за 180.000 барели дневно на 3,63 милиони барели дневно, што е исто така најмногу откако „Блумберг“ почна внимателно да ги следи бродовите што ги напуштаат руските терминали за извоз на нафта на почетокот на 2022 година.
Количествата испратени во Кина и во Индија во изминатите четири недели, исто така, беа рекордни, при што речиси целиот руски извоз сега оди кај двата најголеми азиски увозника, а другите дестинации во Азија светкаат како „непознати“ во податоците за бродовите.
Четиринеделниот просек на извозот на сурова нафта од Русија во Азија и „неоткриените дестинации“ се зголеми за 124.000 барели дневно во четирите недели до 5 мај, во споредба со четиринеделниот просек за периодот до 28 април, според податоците собрани од „Блумберг“. Главни дестинации за испорака на руска сурова нафта и понатаму се Кина, Индија и Турција, додека товарите што моментално се означени како „непозната дестинација“ завршуваат во една од тие три земји – заклучува „Оилпрајс“.