Вистинските размери на европската енергетска криза станаа јасни кога неделава германска Комерцбанк ги објави податоците за актуелните резерви на гас низ Европската Унија. Комерцбанк официјално објави дека складиштата за гас се под половина од капацитетите, и тоа во екот на побарувачката поради зимата

Кризата со снабдувањето со гас се продлабочува

Графичкиот приказ што на Твитер го објави неделава германска Комерцбанк покажува дека во претходните години резервите на гас во складиштата низ ЕУ во јануари се движеле меѓу 60 и 85 проценти. Сега, резервите се на 47 проценти од вкупниот капацитет, што значи значително помалку. Во тој контекст, обвинета е Русија, која испорачува околу 40 проценти од увезениот гас во Европа. Обвинението е дека Москва ја користи испораката на енергентот како адут во спорот околу Украина, преку која транзитира најголемиот дел од рускиот гас. Западот сега, спојувајќи низа индикатори, сака да претстави дека Русија планира целосна инвазија врз Украина, откако Кремљ распореди над 100.000 трупи по должината на границата со Украина во последниве два месеца.

Ранливоста на енергетската безбедност на Европа

Истовремено со предупредувањето од германските и американските дипломати на рускиот претседател Владимир Путин од ескалација на кризата, лидерите на двете страни од Атлантикот сè повеќе се загрижени за ранливоста на енергетската безбедност на Европа. Ако Путин ја запре испораката на природен гас поради воен конфликт или можни идни санкции од Западот, Вајденштајнер предупредува дека „некои европски резерви може да паднат на екстремно ниско ниво“. За да се намали јазот поради зголемената побарувачка на гас за греење и електрично напојување, минатиот месец околу десет контејнери со течен природен гас (ЛНГ) наменети за Азија беа пренасочени кон Европа.
Овој потег ја обнови дебатата за тоа дали ЛНГ може да биде подолгорочно решение за намалување на европската енергетска зависност од Русија. ЛНГ е природен гас што се лади во течна форма и се намалува на 1/600 од неговиот оригинален волумен. Течниот гас често се транспортира во големи бродови со специјални резервоари, кои го држат гасот во течна состојба на -162 степени. Кога ќе се испорача течноста до корисникот, таа повторно се претвора во гас (се регасифицира).
САД подолго време предупредуваат на опасноста од доминација на Русија во секторот со природен гас, делумно и за да ја зголеми испораката на ЛНГ во Европа. Благодарение на зголемениот број природни наоѓалишта на течен гас, САД во моментов се најголемиот извозник на ЛНГ. Но додека американските компании ги зголемуваат извозните капацитети за речиси 20 проценти, на 13,9 милијарди кубици дневно, до крајот на годината, според Меѓународната агенција за енергетика, тоа нема да биде доволно за да се „спаси“ Европа ако Путин ги затвори славините.

На извозниците на ЛНГ им треба време

На краток рок, „со ЛНГ нема да може целосно да се компензира каков било недостиг од природен гас од Русија“, вели Вајденштајнер, наведувајќи го „недостигот од слободни капацитети за извоз кај најголемите извозници како САД и Катар“.
Економистот од Комерцбанк вели дека иако Европа сѐ уште има капацитет да го процесира или регасифицира увезениот течен гас, „ќе биде тешко тој да се испорача до крајните корисници, бидејќи мрежата за дистрибуција и инфраструктурата не се приспособени за значително префрлање на ЛНГ“.
Друг знак за загрозеноста на европската енергетска безбедност е информацијата што ја објави агенцијата Ројтерс во неделата дека американската влада неодамна имала разговори со неколку меѓународни фирми за можни вонредни планови за испорака на гас во Европа во случај да бидат нарушени испораките од Русија. Цитирајќи двајца официјални владини претставници и извори од индустријата, Ројтерс пишува дека претставници на Стејт департментот се обратиле до компаниите за да се распрашаат од каде би можело да се обезбедат дополнителни резерви доколку е потребно. Со тесните глобални испораки во моментов, им било кажано дека има многу малку достапен гас на располагање со кој би можело да се заменат големите количества од Русија, велат извори од индустријата.
Без да се вклучат и други лиферанти на природен гас или ЛНГ, Европа може да се соочи со најлошо сценарио доколку има недостиг од гас од Русија, предупредува Вајденштајнер.

Враќање на јагленот

„Наместо тоа, може да се засилат електроцентралите на јаглен, но тоа нема да им се допадне на екологистите“, вели Вајденштајнер. Но, според него, тоа е единствената можност за надминување на кризата на краток рок.
Путин инсистира на тоа дека отворањето на новиот гасовод „Северен тек 2“ од Русија кон Германија ќе помогне за смирување на енергетската криза во Европа. Гасоводот што води под Балтичко Море беше завршен лани, но сѐ уште нема добиено оперативна дозвола од Германија. Додека германската влада вината за одложувањето ја гледа во неколку непредвидени регулаторни пречки, кризата во Украина го зголеми притисокот врз Берлин да го одложи давањето дозвола за работа.
За „Северен тек 2“ има отпор од САД и неколку европски земји, меѓу кои и Полска и Украина, кои велат дека со ова само дополнително ќе се зголеми моќта на Русија над Европа и ќе се намалат транзитните такси што ги заработува Украина од гасот што транзитира низ нивната територија. Вајденштајнер исто така смета дека олабавувањето на енергетската криза не зависи од отворањето на „Северен тек 2“.
Навистина, целата ситуација не е јасна докрај – заклучува експертот.


Лондон загрижен за тоа што следува доколку се воведат санкции кон Русија

Доколку Западот воведе нови санкции кон Русија поради ситуацијата околу Украина, Русија како одговор може да ги користи испораките на нафта и гас за Европа како оружје, да ги ограничи, што може да доведе до рекорден пораст на цените, пишува „Тајмс“, цитирајќи неименувани функционери во британската влада.
На серија состаноци се разговараше за потенцијалните последици од ограничувањата на руската енергија. Министрите дојдоа до заклучок дека нема директна закана од недостиг од гас, но цените ќе достигнат рекордна вредност.
„За разлика од некои земји, Велика Британија речиси не увезува руски гас. Сепак, како и сите земји, ние сме во опасност од зголемување на големопродажните цени, што ќе биде сериозен проблем доколку Русија ги ограничи испораките во иднина“.
Претходно „Фајненшл тајмс“ објави дека САД преговараат со Катар и другите големи извозници на течен природен гас за итни мерки во случај да има проблем со испораката на гас од Русија во Европа. Сепак, изворите на весникот предупредија дека нема „магично стапче“ за решавање на потенцијалниот дефицит, бидејќи Европа е под притисок од енергетската криза.