Новиот сопственик Илон Маск почна со масовни отпуштања во „Твитер“, значително намалувајќи го кадарот од 7.500 илјади вработени, во рамки на коренитите промени во компанијата, пишува „Вашингтон пост“.
Доцна синоќа беше пратен мејл со кој вработените на „Твитер“ беа известени за плановите за кратење на работните места. Во пораката било напоменато дека вработените ќе добијат нов мејл насловен „Вашата улога во Твитер“.
Предвидено е тие што ги задржаа работните места да добијат известување преку службениот мејл, а другите што се отпуштени, да бидат информирани преку приватната мејл-адреса.
– Во напор да го ставиме Твитер на здрав пат, ние ќе поминеме низ тешкиот процес на намалување на нашата глобална работна сила в петок. Знаеме дека ова ќе погоди одреден број на луѓе што направиле значителни придонеси за Твитер, но ваквата акција за жал е неопходна за да се осигури понатамошниот успех на компанијата – гласела пораката до вработените, според увидот што го имал „Вашингтон пост“.
Ваквата порака претставуваше прва официјална комуникација на Маск со неговиот персонал по преземање на „Твитер“.
Како одговор на добиениот мејл, бројни вработени во „Твитер“ го објавија симболот на сино срце, за да се збогуваат со нивните колеги. Дел од отпуштените вработени веќе почнале да го губат пристапот до внатрешните системи на компанијата.
– Луѓето паѓаат како муви – кажа еден од вработените за отпуштањата, со желба да остане анонимен поради стравот од можни последици.
Отпуштени биле дури и работници кои Маск ги поделил во помали тимови за да се забрза развојот на новите услуги во изминатите шест дена, судејќи според ограничениот пристап до системите на „Твитер“. Сите што го загубиле пристапот, сметаат дека веќе се отпуштени.
Оние што остануваат во „Твитер“, рано утринава почнале да добиваат мејлови во кои се потврдува дека ја задржале работата. Се очекува новиот сопственик да отпушти половина од вработените во „Твитер“, но и да крати други трошоци, според упатените во состојбите во компанијата.
Се смета дека Маск е под притисок за да ја направи исплатлива инвестицијата од 44 милијарди долари за купување на „Твитер“, за која и самиот призна дека е превисока. Аналитичарите ја проценија вредноста на „Твитер“ на околу 25 милијарди долари.
Најбогатиот човек на светот, Маск (неговото богатство е проценето на околу 210 милијарди евра), сега е извршен директор на „Твитер“, а меѓу неговите заменици се, адвокатото Алекс Спајро, инвеститорот Дејвид Сакс и Џеред Бирчал кој управува со семејната канцеларија на милијардерот.