Денеска се навршуваат 300 дена од почетокот на украинскиот конфликт, а излезот од него или барем почетоци на преговори за завршување на војната не се препознаваат. Фактичката состојба на теренот е во поголем обем позната. Од актуелната состојба, не само на воен туку и на политички план, судирот би можел да премине во т.н. развлечен конфликт, при што ниту една страна нема да може да направи одлучувачки пробив во блиска иднина. Кога се зборува за страните во судирот, билатералноста е претесен опис и не одговара на суштината на украинската прокси-војна. Во украинскиот судир се содржани интересите на повеќе страни, не само на руската и на украинската туку се засегнати ЕУ, НАТО и САД од една страна, односно многу други држави од Блискиот и од Далечниот Исток, кои индиректно или воздржано ѝ даваат поддршка на Русија, од друга страна. Меѓународното право засега се покажува како неефикасно, вклучувајќи ги и мултилатералните меѓународни институции, а во прв ред ООН

Триста дена војна во Украина

Денеска се навршуваат 300 дена од почетокот на украинскиот конфликт, а излезот од конфликтот или барем почетоци на преговори за завршување на војната не се препознаваат. Фактичката состојба на теренот е во поголем обем позната. Војната би можела да премине во развлечен конфликт, при што ниту една страна нема да може да направи одлучувачки пробив во блиска иднина. Ова се главно сублимирани процени на воените експерти и стратези по првите 300 дена од војната, која сериозно се одразува и на целиот свет не само на засегнатите страни.
Проектирањето на крајниот исход од војната е сериозен предизвик, но во овој момент никој не би можел да се осмели да прогнозира. Станува очигледно дека се појавија сериозни последици за целиот свет: економски, финансиски, политички, енергетски, односно се наруши и длабоко се промени геополитичката слика од пред конфликтот.

Шокантно признание на Меркел

Расплетот на руско-украинскиот конфликт ќе биде дотолку потежок како што допрва ќе се откриваат сознанија што фрлаат ново светло на целиот случај и кои дополнително ќе ја усложнуваат ситуацијата. Имено, поранешната германска канцеларка Ангела Меркел во едно неодамнешно интервју призна дека договорите од Минск за наводно мирно решавање на руско-украинскиот спор од 2014 година биле само купување време за НАТО и земјите од западниот свет да ја вооружат Украина, за сега да војува со Русија, без намера воопшто да се спроведуваат. Јавноста сѐ уште се прашува дали тоа беше мала или голема искреност на поранешната германска канцеларка и без сомнение најмоќна жена во европската, па и во светската (гео)политика. Дали и за кого е опасна или кобна искреноста на Меркел? Дали е навистина спонтана и „непромислена“ или е вешто конструирана изјава, која на повеќе адреси може да биде различно прочитана? Некои уши во геополитичкиот амбиент можат да ја слушнат како задоволство од постигнатиот ефект со итрината на подметнатите договори, кои Украинците никогаш немале намера да ги почитуваат, а гарантите Германија и Франција немале намера да бараат отчетност за нивното спроведување. Но некои уште поитри уши, во таа „наивна искреност“ на Меркел можат да препознаат и давање аргументи на сега „озлогласениот противник“, а поранешен „коректен партнер“ со заеднички економски интереси, рускиот претседател Путин, дека меѓународната заедница сепак била нечесна и со скриени намери, повикувајќи се на довербата во принципите на меѓународното право. Таквото сомневање за повеќезначноста во искреноста на поранешната германска канцеларка го подгреа актуелниот германски канцелар Олаф Шолц, со изјави во кои се препознава подавање рака на руската влада за економска соработка, „кој(г)а ќе им стави крај на непријателствата“, но и дека „Русија ќе остане најголемата земја на европскиот континент по решавањето на конфликтот“.
За потсетување, по државниот удар во Украина во февруари 2014 година, започнаа масовни протести во источниот дел на земјата, каде што населението што зборува руски не се согласува со новиот курс на Киев. Како одговор, во средината на април истата година, украинските власти започнаа воена операција во Донбас со авијација и бомбардирање на станбени области. Договорите од Минск постигнати во 2014-2015 година се очекуваше да дадат основа за решавање на конфликтот во Донбас. Тие беа потпишани со посредство на ОБСЕ, Русија, Германија и на Франција.

Поразителни бројки за загуби од двете страни

Војната беше погубна за Украина. Точниот број на воени и цивилни жртви е непознат, но секако е значителен. Канцеларијата на Комесарот за човекови права на ОН проценува дека најмалку 6.755 украински цивили биле убиени, а уште 10.607 биле повредени. Според некои процени, овие бројки речиси сигурно ја потценуваат реалноста. Покрај тоа, Високиот комесаријат на ОН за бегалци го објави бројот на Украинци што побарале засолниште надвор од Украина, а тие, според последните податоци, се 7.832.493 милиони. Од нив, во Русија и во Белорусија заминале 2.869.655 жители.
Покрај човечките загуби, војната предизвика и огромна материјална штета. Процените за трошоците за обнова на Украина се движат од 349 до 750 милијарди долари, а тие процени датираат од летото. Надоместувањето на тие средства нема да биде лесно, особено бидејќи војната резултира со значително намалување на украинската економија. Светската банка очекува бруто-домашниот производ на земјата да се намали за 35 отсто оваа година.
Иако е трагедија за Украина, западни воени експерти ја сметаат војната и како „катастрофа за Русија“. Ваквите ставови тие ги базираат на фактот што руската војска, според западни разузнавачки извори, претрпела значителни кадровски и воени загуби. Економските санкции наметнати од ЕУ, Соединетите Американски Држави, Обединетото Кралство и од други западни земји ја турнаа руската економија во рецесија и се закануваат со долгорочни влијанија, вклучувајќи и на критичниот енергетски сектор на земјата.
Руската војска загуби значително количество опрема. Веб-страницата „Орикс“ известува за 8.000 парчиња уништена, оштетена, напуштена или заробена опрема, вклучувајќи околу 1.500 тенка, 700 оклопни борбени возила и 1.700 пешадиски борбени возила. „Орикс“ советува дека неговите бројки значително ја потценуваат вистинската природа на руските загуби, бидејќи брои само опрема за која има уникатни фото или видеодокази за нејзината судбина. Други пријавуваат многу потешки загуби. Американскиот секретар за одбрана Лојд Остин коментира дека руската војска изгубила „неверојатен“ број тенкови и други оклопни возила, додавајќи дека западните трговски ограничувања за микрочипови ќе го спречат производството на замени.
Како резултат на овие загуби, Русија мораше да користи резерви, вклучувајќи ги и тенковите „Т-64“, за првпат произведени пред речиси 50 години. Таа, наводно, се свртела кон тенкови од Белорусија за да ги дополни загубите. За да ја зголеми сопствената муниција, Русија мораше да купи нападни беспилотни летала од Иран и артилериски гранати од Северна Кореја. Бидејќи руската војска ги намалува резервите на ракети земја – земја и воздух – земја, таа користеше противвоздушни ракети „С-300“ против копнени цели. На рускиот одбранбен буџет ќе му требаат години за да го замени она што војската го изгубила или на друг начин го потрошила во Украина.
Како што Русија влезе во војна, Западот примени мноштво економски санкции за земјата. Западот замрзна повеќе од 300 милијарди долари резерви на Централната банка на Русија. Западните санкции не доведоа до брз пад на рубљата или на пошироката руска економија како што очекуваа некои. Сепак, нивното влијание може да значи стагнација на економијата на подолг рок и тие се закануваат да предизвикаат посебни проблеми во секторите што зависат од високотехнолошките инпути увезени од Запад.

Подготвил: Mарјан Велевски