ЕУ Сѐ ПОВЕЌЕ СЕ СООЧУВА СО НАЦИОНАЛНИТЕ ИНТЕРЕСИ НА ЧЛЕНКИТЕ, КОИ СЕ РАЗЛИКУВААТ ОД ОНИЕ НА УНИЈАТА
Државите-членки на ЕУ сѐ повеќе ги ставаат во преден план своите национални и државни интереси, наспроти заедничките на Унијата, и во таквиот контекст бараат држави-истомисленички со кои би можеле потесно да соработуваат. Така, Италија и Франција искажаа заеднички ставови околу предлогот на Емануел Макрон за воведување „европска политичка заедница“ и за тоа дека договорите на ЕУ мора да се менуваат за да се овозможи мнозинско одлучување за надворешната политика и за други важни прашања
Новонастанатата економско-политичка состојба по украинската криза станува поволна подлога за создавање нови меѓудржавни сојузи во рамките на Европската Унија. Државите-членки на ЕУ сѐ повеќе ги ставаат во преден план своите национални и државни интереси, наспроти заедничките на Унијата, и во таквиот контекст бараат држави-истомисленички со кои би можеле потесно да соработуваат. Ако претходно важеше правилото дека Франција и Германија се носечкиот (интересен) двоец во европската политика, сега се јавува и нов трет играч. Тоа се Италија и нејзиниот премиер Марио Драги, кој манифестира согласност со ставовите на францускиот претседател Емануел Макрон, околу прашањата за единствената европска политика. Франција и Италија во ноември 2021 година постигнаа согласност околу т.н. „Квирналски договор“, за кој се водеа преговори од 2017 година. Овој римски договор се споредува со „Елисејскиот“ и „Ахенскиот договор“ со кои француско-германските односи станаа посебно блиски.
Макрон и Драги ги синхронизираат своите идеи за Европа по почетокот на руската воена операција во Украина. Францускиот претседател во мај годинава предложи формирање „европска политичка заедница“, која ќе ги опфаќа земјите-кандидатки за членство во Европската Унија, вклучувајќи ги и Украина, Грузија и Молдавија, а ова веднаш беше поддржано од Италија. Некои медиуми во Италија и во Франција веќе пишуваат за двоецот Драги и Макрон именуван како „Дракрон“, што потсетува на кованицата „Меркози“, со која своевремено се опишуваше француско-германското пријателство меѓу Ангела Меркел и Никола Саркози. Ваквите тенденции сѐ почесто се предмет на анализа во текстовите на водечките медиуми во ЕУ.
Италијанскиот министер за европски прашања Винченцо Амендола во настапот во Европскиот парламент оцени дека француските предлози ќе доведат до напредок во соработката на подрачјето на енергетиката, како и за надворешноодбранбената политика.
Италија и Франција, исто така, се согласуваат и за тоа дека договорите на ЕУ мораат да се менуваат за да се овозможи мнозинско одлучување за надворешната политика и други важни прашања. Италијанскиот премиер кога говори го користи изразот „прагматичен федерализам“. На Рим и на Париз им е прекуглава од однесувањето на некои земји, како што е Унгарија, која постојано ги блокира важните одлуки на Унијата.
Во Берлин, кој со Париз досега претставуваше водечки ЕУ-тандем, се воздржани околу овие предлози. Канцеларот Олаф Шолц, за идејата на Макрон за „европска политичка заедница“, само изјави дека тоа е „интересен“ предлог, но изостанаа воодушевувањето и поддршката што беа дадени од Рим. Во мај, Шолц потсети на преземените цврсти обврски кон шесте земји-кандидатки од Западен Балкан. Марио Драги и Макрон се мошне скептични кон полноправното членство на овие земји. Италијанскиот весник „Кориере дела сера“ го критикуваше германскиот канцелар поради „недостиг од европска визија“.
Францускиот претседател, италијанскиот премиер и германскиот канцелар главно се согласуваат околу политиката кон Украина, а најавена е и нивна заедничка посета на Киев во јуни. Нивната цел е да се постигне договор за крајот на војната, а Драги предложи и мировен план, кој беше направен во консултација со ОН, и кој предвидува некој вид компромис меѓу Русија и Украина.
Франција и Италија се согласуваат и околу политиките за користење на европските буџети. Двете земји, кои и сега се соочуваат со минуси, нагласија дека сакаат да воведат горна граница на цената на енергијата во ЕУ. Последиците од инфлацијата треба да се ублажат со зголемување на долгот и со трајно променливиот пакт за стабилноста на еврото. Власта од Берлин ги одбиваше овие предлози на „Дракрон“. За германскиот министер за финансии Кристијан Линднер овие предлози се „црвена крпа“.
Францускиот историчар и експерт за Италија, Марк Лазар, не се согласува со тврдењата дека внатре во Европската Унија, француско-италијанскиот тандем ќе стане поважен од француско-германскиот.
– Француските дипломати прво гледаат во правец на Германија. Италија сонува за триаголникот Париз – Берлин – Рим, бидејќи поради низа историски причини е подложна на комплекс на инфериорност кон француско-германската врска – вели Марк Лазар, кој предава на елитниот Париски институт за политички науки.