Илустрација / Фото: Пекселс

Една од најголемите електрани во Украина е уништена во масовен руски ракетен напад, јави Скај њуз. Како што пренесува украински Интерфакс, повикувајќи се на висок функционер во електроиндустријата, целосно е уништена термоцентралата Трпилска.

Електраната се наоѓа недалеку од Киев, главниот град на Украина, и произведува околу 57 отсто од енергијата потребна за снабдување на регионот Киев со електрична енергија. Рускиот ракетен напад беше извршен рано утринава со ракети и беспилотни летала, а цел на руските сили беше украинската енергетска инфраструктура.

Центреенерго, компанијата која управува со термоцентралата, рече дека централата е „целосно онеспособена“, додавајќи дека нема смртни случаи меѓу работниците кои биле на смена за време на нападот. Оцени дека инцидентот е „црн ден“ во историјата на компанијата. Андреј Гота, претседател на Надзорниот одбор, рече: „Размерите на уништувањето се застрашувачки“.
Огромниот пожар го зафатил погонот за турбина, а соодветните служби се обидуваат да го локализираат пожарот, пренесува Интерфакс Украина.

Трафостаници и други електрани се оштетени во најмалку пет украински региони, а најмалку 200.000 луѓе во регионот Харков останаа без струја.

Руското Министерство за одбрана соопшти дека во текот на ноќта ги погодило објектите за нафта, гас и електрична енергија во „масовни напади“ во Украина. Москва соопшти дека користела прецизно оружје со долг дострел и беспилотни летала во нападите.

-Како резултат на тоа, работата на претпријатијата од украинската воена индустрија е нарушена, оневозможен е префрлање на резервите во борбени области и е отежнато снабдувањето со гориво на единиците и воените единици на вооружените сили на Украина – се вели во соопштението на руското Министерство за одбрана.