Фото: принтскрин

„Политико“

Во својата прва гласовна порака од 26 јуни, основачот на групата „Вагнер“ Евгениј Пригожин рече дека очекува „нови победи на фронтот“, не наведувајќи детали, пренесе „Политико“.

Пораката беше објавена на каналот Телеграм „Сива зона“, поврзан со приватната платеничка воена компанија „Вагнер“.

Во пораката, Пригожин му се заблагодари на рускиот народ за поддршката, која, како што рече, им е потребна повеќе од кога било досега.

– Сакам да разберете дека нашиот „марш за правда“ беше насочен за „борба против предавниците и мобилизација на нашето општество.“ Мислам дека постигнавме многу – вели Пригожин во аудио пораката која трае 41 секунда.

На 23 јуни, Пригожин започна „марш за правда“ против руските воени лидери, откако руската армија наводно гаѓала позиции на борците на „Вагнер“ во Украина.

Неговите платеници го окупираа Ростов и стигнаа на 200 километри од Москва, за нагло да го прекинат бунтот по разговорот меѓу Пригожин и претседателот на Белорусија, Александар Лукашенко.

На Пригожин и неговите војници им беше дозволено да заминат во Белорусија. Исто така им било понудено да се приклучат на руската војска или ако сакаат да се вратат во своите домови.

Лукашенко рече дека Пригожин пристигнал во таа земја на 27 јуни. Сепак, се уште нема потврда за тоа каде точно се наоѓа шефот на „Вагнер“.