Фото: Општина Битола

Во месноста Смолево, крај Битола изграден е првиот „Бајк парк“ во општината.
„Бајк паркот Смолево“ има четири патеки и тоа: патека за искачување, која е лесна и има пет проценти нагорнина, патека за слегување со велосипед, пешачка патека и патека со која ако некој не успее да се искачи да дојде брзо до слегувачката патека некаде на средина. Стартот и целта се кај манастирот „Св. Атанасиј“ кај Смолево.

Патеките се во владение на Општина Битола, додека одржувањето ќе биде во соработка со клубот „Екстрим бајк тим“.

– Сакам да изразам благодарност до клубот „Екстрим Бајк Тим“ кој го изгради „Бајк паркот Смолево“ кој според коментарите на инженери од Словенија кои работеа на него е еден од најдобрите во регионот. „Бајк парк Смолево“ е голема работа, за Битола па затоа општината ќе се грижи за нејзино редовно одржување. Се надевам дека голем број на битолчани ќе рекреираат тука – рече градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски.

Носител на проектот за изградба на патеките е „Екстрим бајк тим“, и истиот е финансиран и одобрен од Министерството за локална самоуправа, додека партнери во реализацијата се Општина Битола и Агенцијата за поддршка и промоција на туризмот во Македонија. За изведба на теренот бил задолжен тим од Словенија.

М.М.