Шпанските медиуми, како и медиумите низ целата ЕУ, внимателно го следат отстранувањето на трагичните последици од поплавите во регионот Валенсија.
Општ е заклучокот дека властите доцна го предупредиле населението за „страшната, дантеовска закана“, и дека е дозволувана изградба на објекти на критични локации подложни на поплави.
Оваа, во историјата на Шпанија незапаметена трагедија, однесе најмалку 214 животи во ноќта меѓу вторник и среда, а се трага по стотици исчезнати лица. Материјалната штета, според проценките на шпанските весници, ќе се брои во милијарди евра.
Иако националната метеоролошка служба благовремено предупреди, централните и регионалните власти реагирале недозволиво лошо, наведуваат медиумите.
Централната влада во Мадрид дури во сабота испрати 10.000 војници и полицајци за да помогнат во потрагата по жртви и расчистување на тешко погодените населби. Досега таму работеле вкупно 30.000 доброволци, кои на повикот за помош се одзвале во неверојатно голем број, а многумина од нив пешачеле по уништените патишта до местото на библиската поплава.
Многу погодени жители сè уште се без струја, вода за пиење и храна, особено во целосно уништената населба Паипорт, епицентарот на оваа најсмртоносна природна катастрофа во поновата историја на Шпанија.
Медиумите посочуваат дека невидено количество вода и урагански ветрови наврнале на поголеми делови од крајбрежните населби и малите градови, но наведуваат и дека Паипорт, каде што не паднала ниту капка дожд поради немањето брани и одводнување системи, беше погоден од цунами како гром од небото.
Шпанската јавност сега покажува со прст кон негрижата на властите кои ја потцениле опасноста од климатски катастрофи и покрај предупредувањето на експертите дека затоплувањето на планетата и особено на Средоземното Море во голема мера ја менува климата и предизвикува огромни витли на вода и ветрови.
Брановите, налик на цунами, усмртија десетици и разорија цели населби, делумно поради тоа што наместо заштитни насипи и системи за одводнување, се дозволувала изградба на објекти дури и на места со претходни поплави.
Пропустите во урбанизмот и притисоците на градежните лобија, како што наведуваат локалните медиуми, ги наведоа општинските власти да ги олабават прописите и да дозволат се повеќе да се гради.
– Човечки животи се изгубени, големи штети на населбите и економски загуби најмногу се случија поради урбанизацијата, изградбата на станови на бреговите на реките – рече Хозе Марија Бодоке, експерт за хидролошка регулација и проценка на ризик на Универзитетот во Кастиља Ла Манча.
– Посебно е опасно да се гради на рабовите на реките или крајбрежните долини кои служат за одвод на водата во време на високи водостои – објаснува овој експерт.
Бордок предупредува дека „општинските власти, кои замижуваат пред ваквите постапки, воопшто не се свесни за тоа, а оние што граделе или купиле станови или згради, исто така, не гледаат ништо лошо во тоа“.
Граѓаните и јавноста во Шпанија се многу потресени и бараат да се утврди одговорност за пропустите и на централната и на властите на провинцијата Валенсија, па весникот „Паис“ денеска бара оставка од гувернерот на Валенсија, Карлос Мосон, и го поставува прашањето „колку човечки животи би можеле да се спасат ако се дадеше знак за тревога само десет часа пред налетот на водата и ветерот“.