Блокирани 50 милијарди помош од ЕУ за Украина

Унгарија ја блокира помошта од 50 милијарди евра на Европската Унија наменета за Украина, неколку часа откако Европскиот совет одлучи да ги почне преговорите за придружување на оваа земја.
– Резиме од синоќешниот состанок: вето за дополнителни пари за Украина. На ова прашање ќе се навратиме следната година по соодветните подготовки – напиша унгарскиот премиер Виктор Орбан на социјалната мрежа Х, по состанокот на Европскиот совет во Брисел.
Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, претходно нагласи дека Киев без финансиската поддршка од Западот речиси сигурно ќе ја изгуби војната со Русија и побара нова рунда на европска помош од 50 милијарди евра.
Холандскиот премиер Марк Руте изјави дека има уште време и Украина нема да остане без пари во наредните неколку недели. Тој изрази надеж дека договорот за помошта на Украина ќе биде постигнат на почетокот на следната година, односно кон крајот на јануари. Руте дополни дека Украина ја има поддршката на 26 членки на ЕУ, но дека за давањето финансиска помош е потребно согласност од сите држави во Унијата, а без согласноста на Унгарија конечната одлука не може да биде донесена.
Европскиот совет завчера одлучи да почне преговори за придружување со Украина и Молдавија, а на Грузија да ѝ додели статус на кандидат за членство во Унијата. Претходно Орбан изјави дека Украина не ги исполнува условите за членство и затоа Унгарија не може да се согласи со таа одлука. Но за да овозможи оваа одлука да биде донесена, тој ја напушти салата во текот на одлучување и не учествуваше во нејзиното донесување.
Претседателот на Советот на Европа, Шарл Мишел, потврди дека другите 26 лидери на земјите членки се согласиле за пакетот за помош на Украина, како и за пошироките буџетски предлози за блокот, иако Шведска сѐ уште треба да се консултира со својот парламент. Неговиот портпарол додаде дека 26 земји исто така едногласно се согласиле за прашањето за отворање пристапни преговори со Киев.


Ветувањата за помош за Украина паднаа на најниско ниво од почетокот на војната

Најновата поддршка за Украина падна речиси за 90 отсто помеѓу август и октомври во однос на истиот период пред една година, на 2,11 милијарди евра (2,3 милијарди долари), според податоците следени од Килскиот институт за светска економија.
Извештајот вели дека украинскиот претседател Володимир Зеленски отпатува во Вашингтон во обид да го спаси пакетот помош од 60 милијарди американски долари (55 милијарди евра), кој е блокиран во Конгресот. Поддршката од Европската Унија исто така се намали откако Унгарија беше против на самитот во Брисел на 14 декември, каде што требаше да се разговара за пакетот финансиска помош од 53 милијарди долари – во заеми и грантови.

Подготвил: Митко Јовановски