Дигиталната валута Биткоин забележа скок од почетокот на оружениот конфликт во Украина, поттикнат од народите во спротиставените соседни држави кои бараат начини за пренесување на парите во криптовалути, пренесува „Ројтерс“.
Биткоин-тргувањето изразено во руската рубља забележа значително зголемување по почнување на воените дејствија во четвртокот, со пораст од 259 отсто во однос на претходниот ден, до сума од 1,3 милијарди рубљи (13,1 милиони долари), според податоците на „Криптокомпер“. Во Украина, пак, крипторазмената „Куна“ забележа повеќе од тројно зголемување во дневниот обемот на тргување, до сума од 150 милиони гривни (пет милиони долари).
– Во суштина, имајќи валута која не е контролирана од власта, врз која не влијаат итните мерки, е навистина интересно. Можеби на овој начин Русија ги преднесува средствата од вредност, а еднаква е ситуацијата и на другата страна – вели Би О’Керол, од инвестициската компанија за дигитални средства „Радкл“, додавајќи дека војната и западните санкции поттикнале тренд за користење на биткоинот за пренесување на парични средства.
Во петте дена од почетокот на оружениот конфликт на 24 февруари, вредноста на биткоинот забележа скок од 13 отсто.
– Биткоин има потенцијал да биде и прибежиште за руските олигарси за избегнување на санцкиите бидејќи нема цензор на биткоин-мрежата и на трансакциите на криптовалути – посочува Ипек Озкардескаја од банката „Свисквоут“, додека многумина експерти не се согласуваат со ваквиот став.
Украина исто така прима донации во криптовалути, што го соопшти и вицепремиерот Микаило Федоров, додавајќи дека Владата како и невладините организации собрале повеќе од 22 милиони долари во криптовалути по нивниот апел за донирање.
Извесно е дека биткоинот се позиционира како првичен избор во подрачјата од геополитички ризик, но уште постојат спротивставени мислење во однос на неговото пошироко прифаќање како сигурна валута, односно форма на „дигитално злато“, заклучува „Ројтерс“.