Украина денеска ги отфрли предлозите на Русија за усвојување неутрален статус по примерот на Австрија и Шведска, велејќи дека разговорите со Москва за прекин на огнот треба да се фокусираат на „безбедносните гаранции“.
– Украина сега е во војна со Русија. Затоа, моделот може да биде само „украински“ и да се заснова само врз правни гаранции за безбедност – изјави главниот украински преговарач Михаило Подољак во коментар објавен од кабинетот на претседателот Володимир Зеленски.
Претходно денеска, портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, изјави дека се разговара за австриски или шведски модел за Украина како демилитаризирана држава и тоа може да се смета за компромис.
Помошникот на рускиот претседател, Владимир Медински истакна дека за време на разговорите, Киев предложил во Украина да се создаде австриска или шведска верзија на демилитаризирана држава – предлог што Москва го гледа како „извесен компромис“.