Во јазикот на економијата и политиката се појавија нови термини, го имаат ли тие старото значење или квалитативно се различни?

Неподготвеноста на многу земји во Африка, Азија и во Латинска Америка да застанат до водечките и развиени земји во светот за низа светски политички, економски и безбедносни прашања, уште еднаш го изнесе на површина релативно новиот термин – „глобален југ“ како економско-политички блок.
Овој термин сѐ повеќе се користи и во светските реномирани западни медиуми со кои, помалку или (сѐ) повеќе се прави дистинкција помеѓу помалку развиените земји (или земји во развој) и развиениот Запад. Во основа, блокот земји, сега опфатени со терминот „глобален југ“, се разликуваат од „западниот блок“ и по своите политики и односи по низа суштински, глобални и регионални појави и проблеми. Но што се подразбира под поимот „глобален југ“ и зошто тој доби значење последниве години?

Терминот „глобален југ“ се однесува на различни земји низ светот, кои понекогаш се опишуваат како „земји во развој“, „помалку развиени“ или „неразвиени“. Многу од овие земји – иако во никој случај не сите – се на јужната хемисфера, главно во Африка, Азија и во Латинска Америка. Генерално, тие се посиромашни, имаат повисоки нивоа на нееднаквост во приходите и страдаат од помал животен век и потешки услови за живот од земјите во „глобалниот север“ – односно побогатите нации што се наоѓаат претежно во Северна Америка и Европа, со некои додатоци во Океанија и на други места.

Имаат ли исто значење термините „Трет Свет“ и „глобален југ“?

Според некои политички хроничари, терминот глобален југ првпат бил употребен во 1969 година од политичкиот активист Карл Оглесби. Пишувајќи во либералното католичко списание „Комонвел“, Оглесби тврдеше дека војната во Виетнам била кулминација на историјата на северна „доминација над глобалниот југ“.
Но веднаш по распадот на Советскиот Сојуз во 1991 година – кој го означи крајот на таканаречениот „Втор Свет“ – терминот доби на интензитет. Дотогаш, повообичаен термин за земјите во развој – земји што допрва требаше целосно да се индустријализираат – беше „Трет Свет“.

Тој термин беше креација на Алфред Сови во 1952 година, во аналогија со познатите три општествено-историски слоеви во Франција: благородништвото, свештенството и буржоазијата.

Имено, сликовито, терминот „Прв Свет“ се однесува на напредните капиталистички народи; „Вториот Свет“ на социјалистичките народи предводени од Советскиот Сојуз; и „Третиот Свет“ на земјите во развој, многумина во тоа време сè уште под „колонијалниот јарем“.

Книгата на социологот Питер Ворсли од 1964 година, „Третиот Свет: витална нова сила во меѓународните односи“, дополнително го популаризира терминот. Книгата, исто така, го забележа „Третиот Свет“ што го формираше столбот на Движењето на неврзаните, кое беше основано само три години порано како одговор на биполарното усогласување од Студената војна. Иако гледиштето на Ворсли за овој „Трет Свет“ беше позитивно, терминот се поврза со земји зафатени од сиромаштија, беда и нестабилност. „Третиот Свет“ стана потсмешлив синоним за т.н. „банана-републики“ управувани од диктатори – карикатура што ја шират западните медиуми.
Падот на Советскиот Сојуз – а со него и крајот на таканаречениот Втор Свет – даде пригоден изговор и терминот „Трет Свет“ да исчезне. Употребата на терминот брзо пропадна во 1990-тите.

Во меѓувреме, „земјите во развој“, „помалку развиените“ и „неразвиените“ исто така се соочија со критики дека ги држат западните земји како идеални, додека оние надвор од тој блок ги прикажуваат како заостанати.
Сè повеќе терминот што се користеше за да ги замени беше понеутралниот „глобален југ“.

Зошто терминот „глобален југ“ не е географски, туку е геополитички?

Најпрвин, географски факт што го демантира „географското знаење на терминот „глобален југ“. Имено, двете најголеми земји на глобалниот југ – Кина и Индија – лежат целосно на северната хемисфера. Следствено на тоа, употребата на терминот „глобален југ“ опфаќа мешавина од политички, геополитички и економски сличности меѓу нациите. Земјите од глобалниот југ беа главно во опсегот на колонијалното владеење, со африканските земји како можеби највидлив пример за тоа. Тоа им дава многу поинаков поглед на она што теоретичарите на зависност го опишаа како односот помеѓу центарот и периферијата во светската политичка економија – или, кажано со едноставни термини, односот помеѓу „Западот и другите“.

Со оглед на неурамнотежените минати односи меѓу многу од земјите на глобалниот југ и глобалниот север – и за време на империите и за време на Студената војна – не е чудно што денес многумина одлучуваат да не се усогласат со некоја голема сила.
И додека термините „Трет Свет“ и „неразвиен“ пренесуваат слики на економска немоќ, сега тоа веќе и не е сосема точно, што се однесува до економијата на „глобалниот југ“.

Економска промена, промена на богатството…

Од почетокот на 21 век, „промената на богатството“, како што го нарече Светската банка, од северниот дел на Атлантикот до Азија – Пацификот, поништи голем дел од конвенционалната мудрост за тоа каде во светот се создаваат богатствата.
До 2030 година се предвидува дека три од четирите најголеми економии ќе бидат од глобалниот југ – со редослед Кина, Индија, САД и Индонезија. Веќе БДП во однос на куповната моќ на земјите на БРИКС во кои доминира глобалниот југ – Бразил, Русија, Индија, Кина и Јужна Африка – го надминува оној на клубот Г7 на глобалниот север. И сега има повеќе милијардери во Пекинг отколку во Њујорк.

Оваа економска промена оди рака под рака со зголемена политичка видливост. Земјите од глобалниот југ сѐ повеќе се наметнуваат на глобалната сцена – било да е тоа посредување на Кина за приближувањето на Иран и Саудиска Арабија или обидот на Бразил да поттикне мировен план за ставање крај на војната во Украина.
Оваа промена во економската и политичката моќ ги натера експертите за геополитика како Параг Кана и Кишоре Махбубани да пишуваат за доаѓањето на „азискиот век“. Други, како политикологот Оливер Стуенкел, почнаа да зборуваат за „постзападен свет“. „Глобалниот југ“ ги развива политичките и економските мускули што „земјите во развој“ и „Третиот Свет“ никогаш ги немале!