Поранешниот американски претседател Доналд Трамп нема претседателски имунитет и би можел да биде кривично гонет под обвинение за обид за поништување на изборите во 2020 година, соопшти американскиот суд.
Трамп постојано тврдеше дека има имунитет и дека не може да биде кривично гонет.
– Каков било имунитет на извршната власт што можеби го штитеше додека беше претседател, веќе не го штити од ова кривично гонење – едногласно одлучи советот од тројца судии.
Ова е вторпат во исто толку месеци судиите да го отфрлат аргументот на Трамп дека е имун од гонење за постапките што ги презел за време на неговиот мандат и за време на нападот на американскиот Капитол на 6 јануари 2021 година.
Трамп тврди дека е имун на кривични пријави за дела за кои рече дека спаѓаат во неговите должности како претседател. Но, денешната пресуда во Вашингтон го отфрли тоа тврдење. Тоа е назадување за Трамп, кој со години се повикуваше на претседателскиот имунитет додека се бореше со повеќе случаи, пишува Би-Би-Си.
Се очекува поранешниот претседател да поднесе жалба на пресудата, што значи дека случајот на крајот може да оди до Врховниот суд каде конзервативците имаат мнозинство од 6-3.
Американскиот специјален советник Џек Смит го обвини Трамп (77) за заговор да ја поништи победата на Џо Бајден на изборите во 2020 година и за измама за да остане на функцијата.
Судењето првично беше закажано за 4 март, но беше одложено во очекување на одлуката за барањето имунитет.
Тоа може да биде одложено со недели, ако не и со месеци, доколку случајот заврши пред Врховниот суд.