Поранешниот американски претседател Доналд Трамп, против кого се водат четири кривични постапки, најави дека утре ќе им се предаде на властите во американската сојузна држава Џорџија.
По кривичното обвинение против Трамп во врска со обидот за изборна измама, надлежниот суд во американската сојузна држава Џорџија му одреди кауција од 200.000 долари.
Во актуелните четири кривични постапки, кои се во тек против него, ова е првпат да му биде одредена парична сума за привремено останување на слобода – кауцијата и условите ги договориле обвинителката Фани Вилис и адвокатите на Трамп според барањата на судијата Скот Мекафи.
Од објавените судски документи на судот во Атланта произлегува и дека Трамп околу поединостите на случајот, освен преку адвокатите, не смее да разменува мислења со другите 18 сообвинети лица.
Изречена му е и забрана за заплашување на евентуални сведоци и попречување на правосудната постапка. Тоа е последица на искуството од минатото, кога Доналд Трамп во врска со другите обвиненија против него, на социјалната мрежа Трут соушл, која тој ја основаше, напиша индиректни закани: „Ако ме гоните, и јас ќе ве гонам!“
Судот ја објави и висината на кауцијата за поранешниот адвокат на Трамп, Џон Истман – 100.000 долари. Тој важи за еден од главните организатори на обидите за менување и фалсификување на изборниот резултат во Џорџија во корист на Доналд Трамп по претседателските избори во САД во 2020 година.
Најдоцна до петок попладне по локално време е рокот до кога поранешниот американски претседател Доналд Трамп и другите 18 сообвинети треба да се појават во затворот „Фултон Канти“ во Џорџија, кој ужива лош глас, каде што официјално ќе бидат уапсени и ќе им бидат земени отпечатоци од прстите и каде што мора да приложат најмалку десет проценти од кауцијата во кеш.
Трамп планира да отпатува во Атланта утре, за „да биде уапсен од лево радикалната обвинителка Фани Вилис“, најавувајќи ги своите потези на социјалната мрежа Трут соушл. Трамп, без да посочи некаков доказ, ја обвини обвинителката Вилис дека „дејствува во стриктна координација со Министерството за правда (…) на Џо Бајден.“
Судскиот термин е точно еден ден по првата телевизиска дебата на аспирантите за републиканска номинација за претседателската изборна трка во САД следната година. Доналд Трамп, кој се смета за јасен фаворит, нема да учествува во дуелот, но неговиот настап пред судот, секако, во голема мера ќе го насочи јавниот интерес исклучиво врз него. Р.Н.М.