Венецуела прогласи вонредна состојба откако два силни земјотреси со магнитуда од 7,2 и 7,5 степени ја погодија земјата во интервал од само 39 секунди, предизвикувајќи уривање на згради, прекин на сообраќајот и масовна паника меѓу населението. Според последните информации, најмалку 32 лица загинале, а повеќе од 700 се повредени, додека спасувачките екипи и натаму трагаат по преживеани под урнатините, пренесе „Ројтерс“.
Според Американскиот геолошки завод (USGS), првиот земјотрес со јачина од 7,2 степени бил регистриран во близина на крајбрежниот град Морон во државата Јаракуј. Само 39 секунди подоцна следувал уште посилен потрес од 7,5 степени на релативно мала длабочина од околу 10 километри. Сеизмолозите овој редок феномен го опишаа како „сеизмички дублет“ – два исклучително силни земјотреси што се случуваат речиси истовремено, пренесе „Анадолија“.
Најголеми штети се пријавени во главниот град Каракас, каде што се урнале повеќе станбени и деловни објекти. Во населбите Алтамира, Чакао и други делови од градот се забележани целосно срушени згради, додека спасувачите работат без прекин во обид да извлечат затрупани лица. Очевидци опишуваат сцени на хаос, облаци од прашина и луѓе кои очајнички ги бараат своите блиски.
Привремената претседателка на Венецуела, Делси Родригез,, прогласи национална вонредна состојба и соопшти дека по главните потреси биле регистрирани повеќе од 20 последователни земјотреси. Таа ги повика граѓаните да не влегуваат во оштетените објекти и апелираше до медицинскиот персонал да помогне во згрижувањето на повредените, пренесе „Ројтерс“.
Властите исто така потврдија дека меѓународниот аеродром „Симон Боливар“ во Маикетија е затворен на неодредено време поради сериозни оштетувања на инфраструктурата. Прекинати се и дел од метро-сообраќајот и железничките линии, а училиштата во погодените региони остануваат затворени.
Министерот за внатрешни работи Диосдадо Кабело изјави дека сите расположливи служби – пожарникари, полиција, цивилна заштита и волонтери – се мобилизирани на терен. Тој предупреди дека постои ризик од дополнителни уривања поради последователните потреси и ги повика граѓаните да останат на отворено каде што е можно.
Потресите биле почувствувани и во соседна Колумбија, а накратко биле издадени предупредувања за можно цунами во делови од Карибите, кои подоцна биле повлечени откако опасноста била проценета како мала.
Американскиот геолошки завод издаде највисоко ниво на предупредување за последиците од катастрофата, оценувајќи дека се можни многу поголем број жртви и огромна материјална штета додека спасувачките екипи стигнуваат до најтешко погодените области.
Венецуела се наоѓа на границата меѓу карипската и јужноамериканската тектонска плоча, што ја прави подложна на силни земјотреси. Најразорниот во историјата на земјата останува земјотресот од 1812 година, во кој загинале десетици илјади луѓе, додека земјотресот во Каракас во 1967 година однел стотици животи.

































