Фото: Стојан Кукунешоски

Пред голем број љубители на пишаниот звор во црквата „Свети Никола“ во Вевчани, во рамките на културната манифестација „ВЕВКУЛ- 2023“ , беше промовирана монографијата „Македонија, Горна Река – село Кичиница, историски видувања и записи“ на пензионираниот доктор по медицински науки Драган Попоски – Стојнин. На промоцијата за неа зборуваа Мишо Китаноски пистел, новинар и публицист, Ефтим Клетников поет, книжевен критичар, есеист, преведувач и колумнист и историчарот д-р Павле Митрески, универзитетски професор во пензија.
Книгата е полемична. Драган Попоски-Стојнин со многубројни документи ги оспорува тезите на поранешниот пратеник на ДУИ Бранко Манојловски за етничката и верската припадност на жителите од овој крај. Имено Манојловски тврдеше дека во Кичиница живеаат православни Албанци.
Станува збор за монографија која е плод на долгогодишната подготовка и во која се истражува историјата на Кичиница, на селото во Горна Река, топонимите низ историјата, јазикот, христијанската вера, обичаите црквите, манастирите, празнувањата на црквовните празници, традиции, како и за отпорот на горнорканците и Македонците кон однародувањето.
„Во монографијата, која има 415 страници и 191 илустрација, во голем дел „ е претставено историското минато, милениумскиот континуитет на опстојувањето на Македонците на Балканскиот Полуостров. Тука се претставени факти за етногенезата на Грците, Бугарите и Албанците, доселување и населување низ столетијата“, пишува во рецензијата д-р Михајло Миноски.
Ефтим Клетников,меѓу другото пишува, дека Драган Попоски – Стојнин, во својата потрага по македонскиот идентитет, а поаѓајќи од Кичиница кон модерен архитип на македонскиот историски проклетилок, интуитивно и со една понорна рефлексија, сјајно се надоврзува на Ѓорѓија Пулески, најзначајниот македонскиот преродбеник кога станува збор за идентитетот.
Воведничарот на оваа несекојдневна промоција, истакнатиот публицист, писател, поет и хроничар на Вевчани, Мишо Китаноски, ги запозна подетално присутните со Драган Попоски – Стојнин. Роден е на 29 март 1940 година во Вевчани, а и крстен во вевчанската црква „Свети Никола“, како син на Ристо и Стојанка. Виорот на Втората светска војна е трагичен за неговата фамилија. Како дете без родители растел и се школувал во детските домови во Битола, Скопје, Кратово, Ресен, Валандово. Во 1960 година завршува гимназија во Битола, а Медицински факултет и специјализација во Скопје. Во 1961 година формира семејство со гимназиската љубов Марија, истакна Китаноски.
Работи како лекар, а покрај медицинската дејност, тој го проучува и демографското прашање во земјава. Хоби му се сликарството и изработката на уметнички ракотворби. По пензионирањето живее и твори во Охрид. Ст. К.