ШАХ – СП 2026 ЗА МЛАДИ
Четири освоени поени од можни пет е епилогот на петтемина македонски претставници во осмото коло на Светското првенство (СП) во шах за млади (категории до 12, 14, 16 и до 18 години, момчиња и девојчиња), во Монтенсилвано (Италија), што е и најуспешно коло во досегашниот тек на турнирот. СП 2026 се игра во 11 кола.
Прва победа оствари Наде Смилевска (рангирана 107. пред почетокот на СП 2026), која во категоријата до 16 години беше подобра од Уника Бериша (1.552 рејтинг-поени, 108.) од Косово. ЖФМ Моника Жежовска (1.978, 43.) ја оствари и четвртата победа, на дуелот со Мета Микулинаите (1.883, 84.) од Литванија, во категоријата до 18 години. Големи победи остварија Кристијан Кавазов (1.871, 118.), кој го надигра повисоко рангираниот Леонид Леонов (2.143, 70.) од Австрија, во категоријата до 16 години и Никола Павлески (1.971, 97.), кој во категоријата до 18 години освои цел поен против, исто така, повисокорангираниот Михаило Пусара (2.167, 70.) од Црна Гора. Единствениот пораз го доживеа Даниел Стефаноски (1.860, 92.) од Биркир Халмундарсон (2.007, 68.) од Исланд, во категоријата до 16 години. Сите македонски шахисти во ова осмо коло играа со црни фигури.
На три кола до крајот на СП 2026, Смилевска со 2,5 поени е 95-та, Жежовска со 4,5 е 38., Стефаноски со 3,5 е 96-ти, Кавазов со четири е 90-ти, а четири поени има и Павлески, кој е на 66-то место, но засега тој има и најмногу освоени нови рејтинг- поени, 83,6. Г.И.


































