ОДБОЈКА – ЕВРОПСКА ЛИГА
- Треба да се работи на сите елементи во иднина, но се надевам дека со напорна работа ќе дојдат и резултатите, вели селекторот на одбојкарките, Гавриловиќ
Новиот циклус за пласман на едно континентално натпреварување, кое од годинава е дел од Европската лига (ЕЛ), македонската женска репрезентација го почна негативно, со шест пораза во исто толку меча, пишува Одбојкарската федерација на Македонија (ОФМ). По ланскиот одличен настап во Сребрената европска лига, годинава три фактори беа клучни за скромното издание, промена на стручниот штаб, подмладување на репрезентацијата и можеби она најважното, квалитетот на противниците со кои Македонија се соочи, со оглед на квалификацискиот карактер на Европската лига. Лани одбојкарките се радуваа затоа што резултатите го дозволуваа тоа, беа победени Луксембург и Фарски Острови, но годинава исходот и реалноста се малку поинакви кога се соочуваме со ривали чие реноме, ранг и традиција се далеку пред Македонија (Унгарија на ранг-листата на ЦЕВ е 12-та, Словенија 13-та, Шпанија 16-та, Хрватска 22., Португалија 26-та, Азербејџан 28.), пишува ОФМ.
– Почнавме негативно, со шест пораза во исто толку натпревари и без освоен сет, и само против некои екипи се носевме до половина од сетовите, нормално дека никој не е задоволен. Малку сум разочаран затоа што не успеавме да го спроведеме на натпреварите она што го работевме на тренинзите. Жалам и им замерувам за тоа на одбојкарките што не го дадоа максимумот, кој јас мислам дека го имаат. Ни недостигаа повеќе борба и желба, енергија за да парираме повеќе, а тоа може ќе ни донесеше и поен, три, пет повеќе. Мора да разбереме дека од ова издание во ЕЛ во игра се многу сериозни и квалитетни противници, поради квалификациската тежина што ја носи натпреварувањето, а и ние немавме среќа да се соочиме со некој ривал од наш ранг. Реалната слика ја видовме и во Португалија и во Шпанија дека не сме на нивото за оваа лига, а и игравме со селекции чии одбојкарки настапуваат во петте најсилни лиги во светот и шансите да направиме нешто повеќе беа нереални. Мислам дека во некои натпревари влегувавме со страв кога ќе видиме кој противник е од другата страна и тоа не дозволуваше да играме максимално, да се бориме и вистински да оставиме срце на терен. Истовремено мислам дека извлековме и поука, дека ни е потребна промена на менталитетот, на пристапот, дека и самите девојки видоа дека е потребно да работат повеќе на себе. Голем дел од нив дојдоа неподготвени на собир на репрезентација, што не смее да се случи. Екипата има потенцијал и може и многу повеќе и многу подобро, но за тоа е потребно време. Видовме и добри и лоши работи. Добрите се дека треба многу на научиме, да тргнеме сами од себе и дека одбојката е спорт што бара многу работа и пред да се дојде на собир во репрезентацијата – вели селекторот Милош Гавриловиќ, пренесе ОФМ.
Одбојкарките ќе имаат еден месец одмор. За 27 јули во Скопје е закажан почеток на подготовките за настапот на Медитеранските игри во Италија.
– До 27 јули за кога е предвиден следниот собир ќе имам доволно време за анализи и промени сигурно дека ќе има. Немаме многу време за сериозни ротации, но ќе мора и играчки и ментално да смениме некои работи. Потребни ни се време, верба и работа за да може да почнеме да функционираме и да парираме заедно како екипа. Треба да се работи на сите елементи во иднина, но се надевам дека со напорна работа ќе дојдат и резултатите. Знам дека јавноста во Македонија не ги прифати добро овие резултати, но мислам дека и таа треба да сфати дека сме на почеток и дека реалноста е таква, другите екипи се многу поквалитетни од нас. Добро познат ми е балканскиот менталитет, но на оваа екипа ѝ се потребни поддршка, трпение и верба. Не може секоја промена да донесе резултати прекуноќ. Го сфаќам моментот на самокритичност, но уште кога ја прифатив понудата за селектор потенцирав дека ми е предизвик да работам со млада и перспективна екипа и верувам во процесот и се надевам дека за брзо време ќе покажеме карактер и дека ќе задоволиме нечии очекувања – вели Гавриловиќ, пренесе ОФМ. Г.И.


































