Многумина наши сограѓани деновиве при купувањето намирници на зелените пазари реагираат на послабиот квалитет на доматите, пиперките или лубениците и дињите. Наедно при набавката на такви производи, граѓаните се принудени да плаќаат по цени што од ден на ден се зголемуваат. За тоа колку нашите граѓани се задоволни од цените и квалитетот на храната направивме анкета на нашите зелени пазари и маркети

Македонските граѓани соочени со многу предизвици при напорите за зачувување на нивото на животниот стандард

Високите цени на храната не се единствениот проблем на македонските потрошувачи и консументи. Поради недоволната конкуренција на пазарот на земјоделски производи, забележена е појавата некои од трговците и (пре)продавачите на земјоделски производи да се обидуваат да ја искористат оваа состојба и да профитираат со продавање производи со намален квалитет, исто како да се производите висококвалитетни.
Многумина наши сограѓани деновиве при купувањето намирници на зелените пазари реагираат на послабиот квалитет на доматите, пиперките или лубениците и дињите. Наедно при набавката на такви производи, граѓаните се принудени да плаќаат по цени што од ден на ден се зголемуваат. За тоа колку нашите граѓани се задоволни од цените и квалитетот на храната направивме анкета на нашите зелени пазари и маркети.
Притоа ги прашавме граѓаните како се справуваат со високите цени, на што повеќе посветуваат внимание при купувањето – на цената или квалитетот, дали сегашните месечни приходи им се доволни за пристоен живот, како и за тоа дали се откажале од некој производ.

За набавка на вообичаени продукти требаат трипати повеќе пари отколку пред една година

Семејствата со две деца посилно ги чувствуваат ценовните удари на месечниот буџет, затоа што со просечните плати, покрај поскапата исхрана мора да издвојуваат и за потребите на децата, за нивно школување и за воннаставни активности.
– Непријатно е сознанието дека за набавка на вообичаени продукти ти требаат трипати повеќе пари отколку пред една година. Не можам да верувам цените на доматите и пиперките во лето да бидат 70-80-100 денари, килограм, а до пред две години беа 20-30 денари. Како да се наоѓаме во некое туристичко место, а не на локален градски пазар во Скопје. Сестра ми живее во Подгорица, таму секогаш било за 30 отсто поскапо од тука, освен месото. Сега сме изедначени со цените ама не и со платите. Каде се тука трошоците за чување на децата и за нивно дополнително образовање? Ме фаќа страв кога ќе помислам колкави ќе бидат цените за курсеви за англиски јазик, за спортски активности или, пак, за воншколски активности за свирење на некој музички инструмент… Па затоа прво што гледаш во маркет е цената, или одиш во маркети, дисконти што држат барем за нијанса пониски цени. Секако веќе нема од што да кратиш, фиксни ни се домашните трошоци, па мора да се намали на буџетот за храна. Штедиме и на јајца, не мора да јадеме убаво сирење – ни изјави скопјанката Јасмина Софрониевска, сопруга и мајка на две деца, која беше една од повеќе десетините анкетирани граѓани.

Пензионерите во потрага на поевтини пиперки

Високите цени на земјоделските производи и на храната најдиректно се одрази на стандардот на пензионерите, кои се принудени да ги шетаат продавниците и маркетите за да најдат некој поевтин производ.
– На пазарите одиме кога нема голем број купувачи. Напладне на високите температури шетаме низ тезгите да најдеме поевтин домат или пиперки. Купуваме и на крајот од денот кога цените се пониски, но затоа и квалитетот е послаб. Бркаме по тоа гајбите да најдеме подобар домат или пипер, кој цел ден бил изложен на топлото и на сонце. Ние секако избираме да поминеме поевтино во маркет или на пазар, па купуваме поевтин ориз, грав, компир, патлиџан, пипер… Пред сѐ нѐ води цената. И ако дињата или праската се скапи ова лето, секако дека ќе ги скокнеме. Но купивме по едно парче лубеница и диња колку да пробаме. Цените им се високи, ама квалитетот е многу послаб од минатите години. Дома јадеме што имаме, главно пипер пржен со јајце. Сувомесни производи и сирење не можеме да си дозволиме. Само да се помине денот. Пензиите не ни стигнуваат ни за да се платат струјата, лековите, огревот – вели пензионерот Љупчо Јовчевски, кого го издвоивме од повеќето анкетирани пензионери.

За децата мора да има и да е скапо!

– Генералниот впечаток од пазарењето е дека тоа што е поевтино има полош квалитет. Порано имаше повеќе акции со намалени цени. Тоа сега е ретко или ги има кога до истекот на рокот на употреба има уште два-три дена. На пазарите е уште полошо, даваат попусти само на земјоделски производи што се презреани, а цените се идентични како за посвежите продукти. Така, принудени сме да купуваме од поскапиот домат или пиперки, барем знам дека јадеме посвежа храна. Трговците го знаат тоа и затоа ги привлекуваат купувачите со „пониски“ цени, но кога ќе дојдеш до тезгите тие се пред расипување. При изборот на другите производи во маркетите прво ја гледам цената. За потребите на децата не сум се откажала од ништо. Важно ми е тие да се задоволни. Јас и сопругот можеме и со помалку месо или пијалаци, а полека и се навикнуваме на „вегетаријанската исхрана“ – вели низ шега Драгана Митровска, мајка на две мали деца.

Родителите ми го покриваат минусот на картичката!

– Живеам одвоено од моите родители и моите потреби се многу помали во однос на едно македонско семејство. Зеленчук и овошје набавувам во помали количества и можам да избирам поквалитетни продукти. Секако, порастот на цените влијае и на тоа што ќе одберам да купам. Ако најдам нешто по пониска цена го избирам тоа. Сега почесто ги следам попустите за облека и козметички производи. Инаку, разликата во цените на производи од иста категорија најчесто се должи на амбалажата и маркетиншкото брендирање, што не гарантира дека поскапиот производ е и поквалитетен. Но генерално трошоците за живот се повисоки. Ако некогаш сум излегувала во ресторан почесто, сега тоа е поретко и само на кафе или една пијачка. Во некои месеци и родителите помагаат да го покријам минусот на кредитната картичка или некоја задоцнета сметка за мобилен или за поправка на апарат или за автомеханичарски работи на автомобилот – ни изјави Лидија Јосифовска, која е вработена во здравствената дејност. М.Ј.