Илустрација / Фото: Пиксабеј

Главен услов за Хамас за разговори за размена на заробеници со Израел и натаму останува целосниот прекин на огнот во Појасот Газа, изјави денеска портпаролот на ова палестинско движење, Валид Килани, додавајќи дека групата се уште не го добила предлогот на Израел за двомесечен прекин на огнот во палестинската енклава.

– Главниот услов не е привремен, туку траен прекин на огнот. Дури потоа ќе се разговара за други прашања, како што е размената на заробеници и продолжувањето на хуманитарната помош – изјави Килани за агенцијата Анадолија.

Калани додаде дека лидерите на Хамас го виделе новиот израелски предлог во медиумите, но не го добиле официјално.

Порталот Аксиос претходно денеска објави дека Израел преку катарски и египетски посредници претставил предлог за прекин на воената офанзива против Хамас на два месеци, во замена за постепено ослободување на преостанатите 136 заложници во Газа.

Со овој израелски предлог не се прифаќа барањето на Хамас за целосен прекин на војната, но оди чекор подалеку од тоа што Израел го направи во претходните понуди, објави американската веб-страница, цитирајќи двајца израелски претставници.

Според предлогот, договорот би вклучувал ослободување на сите преостанати живи заложници и враќање на телата на загинатите заложници во неколку фази.

Израелските власти соопштија дека чекаат одговор од Хамас, но истакнаа дека се внимателни оптимисти за можноста за напредок во наредните денови.


Нетанјаху најави борба до целосна победа

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, изразувајќи жалење за смртта на 21 војник во најкрвавиот поединечен напад во Газа, денеска најави дека армијата ќе се бори до „целосна победа“.

На платформата „Екс“, Нетанјаху објави дека денеска е „еден од најтешките денови од почетокот на војната“.

Тој, исто така, најави дека војската ќе започне истрага за нападот, во кој палестинските екстремисти истрелаа ракетна граната врз израелски тенк, предизвикувајќи секундарна експлозија и уривање на две згради врз војниците.

– Во името на нашите херои и за нашите сопствени животи, нема да престанеме да се бориме до целосна победа – напиша Нетанјаху.

Членот на воениот кабинет, поранешен министер за одбрана и началник на Генералштабот, Бени Ганц испратил сочувство до семејствата на загинатите и желби за брзо закрепнување на ранетите, пренесоа израелските медиуми.

Тој оцени дека Израелците мора да останат обединети и мора да се сеќаваат на, како што рече, „високата цена“ што биле принудени да ја платат за „праведната војна и високите цели за кои паднале израелските херои за да ја обезбедат иднината“, враќањето на заложниците и чување на Израел засекогаш.