Фото: Принтскрин/Архива

Авганистанските талибанци им забранија на жените да влезат во јавни бањи и вежбалници, соопштено е, откако претходно оваа недела им забранија на жените да влезат во парковите во главниот град Кабул.

– Спортските сали се затворени за жени бидејќи тренерите се мажи, а некои сали беа мешани – рече во неделата Мохамад Акиф Садек Мохаџир, портпарол на Министерството за спречување на пороците и промоција на доблеста.

Отсега на жените им е забранет пристапот и до „амамот“, кој е јавна бања, каде традиционално жените се одвојуваат од мажите.

– Сега секоја куќа има бања, така што нема проблем жените да се мијат – објасни портпаролот.

Видео на социјалните мрежи – кое не може да се потврди независно – покажува група жени со свртен грб кои протестираат поради затворањето на спортските сали.

– Оваа спортска сала е наменета исклучиво за жени. Наставниот кадар и тренерите се сите жени – се жали една од нив.

„Не можете навистина се да ни забраните“, додава младата жена.

Кога дојдоа на власт по втор пат во август 2021 година, талибанците ветија дека овојпат ќе бидат пофлексибилни отколку за време на нивното прво владеење од 1996 до 2001 година, но постепено се враќаат на старата практика, радикално кратејќи ги правата и слободите на жените.

Така, тие ги затворија средните училишта за девојчиња и наредија да се носи целосниот превез. Жените се исфрлени од повеќето работни места во јавните служби, не им е дозволено да патуваат сами надвор од градот, а претходно оваа недела талибанците исто така им забранија влез во парковите во главниот град.

Сите овие ограничувања треба да ги спречат жените да се соберат и да изразат противење на талибанскиот режим, се оценува.

Мали групи жени организираа неколку протести во Кабул и други поголеми градови, изложувајќи се на опасност од репреии од властите. Тие собири беа брутално растурени, а учесниците беа приведени во полиција.