Фото: Твитер/Викиликс

Основачот на Викиликс Џулијан Асанж е чекор поблиску до испорачување во САД, каде што треба да му биде судено за шпионажа, откако судот во Лондон ја испрати наредбата за негова екстрадиција на одобрување до британската влада, пренесуваат светските медиуми.

Асанж го следеше судењето преку видеоврска од затворот „Белмарш“ во Лондон, каде што престојува откако беше извлечен од амбасадата на Еквадор во Велика Британија, пред три години.

Британскиот суд во јануари минатата година одлучи дека Асанж не може да биде екстрадиран во САД поради неговото психичко здравје. Но повисоките судски инстанци ја поништија таквата одлука во декември минатата година, наведувајќи оти Асанж може да биде испорачан во САД врз основа на гаранците на американската влада.

Гаранциите на САД посилни од стравувањата за Асанж – судот дозволи екстрадиција

Судот издаде формална наредба за екстрадиција на австралискиот новинар на денешното сослушување, со што на британската министерка за внатрешни работи Прити Пател ѝ преостанува да го одобри неговото префрлање во САД по долгогодишната правна битка.

Австралија не сака ни да чуе за Асанж, Нов Зеланд ни да го види

Асанж има право на жалба на одлуката. Тој е баран во САД врз основа на 18 обвиненија, откако Викиликс објави илјадници строго доверливи документи и дипломатска комуникација во 2010 година. Асанж се соочува со затворска казна од 175 години, ако биде осуден.

На Асанж не му се суди поради карактерот, туку бидејќи ја посрами најмоќната светска држава