Во пожар на свадба во Ирак настрадаа најмалку сто лица, меѓу кои и младенците, изјави Ахмед Дубардани, заменик-шеф на здравствената администрација во Ниневија. Обраќајќи им се на новинарите на прес-конференција, тој додаде дека најмалку педесет лица се во критична состојба, од кои најмалку половина се здобиле со изгореници.
– Повеќето од повредените беа целосно изгорени. А некои изгореа од 50 до 60 отсто од нивните тела – рече Дубардани.
Тој додаде дека повеќето од повредените се млади мажи и жени, а засега никој не е отпуштен од болница.
Пожарот, соопшти локалната цивилна одбрана, ја зафатил големата сала во која се одржувала венчавката, откако за време на прославата бил запален огномет. Видеото од местото на настанот на дописникот на „Ројтерс“ покажува како пожарникари се искачуваат над изгорената зграда во потрага по преживеани.
Наџим ал-Џубури, гувернер на провинцијата Ниневија, каде што избувна пожарот, претходно изјави дека сè уште нема конечен биланс на загинати, што укажува на тоа дека бројот на жртвите може да продолжи да расте. Заменик-гувернерот на Ниневија, Хасан ал-Алак, исто така претходно изјави за Ројтерс дека е потврдена смртта на 113 лица.
Очевидци изјавија дека стотици луѓе славеле таму кога зградата се запалила околу 10.45 часот по локално време.
– Го видовме огнот како пулсира и излегува од салата. Оние кои излегоа излегоа, а оние кои не излегоа, беа заглавени – изјави за „Ројтерс“, Имад Јохана, 34-годишник кој се спасил.
Друга гостинка на свадбата, Ранија Ваад, која се здоби со изгореници на раката, рече дека огнометот „почнал да се качува до таванот“ додека невестата и младоженецот танцувале.
– Целата сала беше во пламен. Не можевме да видиме ништо. Се гушевме, не знаевме како да излеземе – изјавила 17-годишната девојка за новинската агенција АФП.
Локалните извори посочуваат дека бројот на жртви може да биде поголем. Најмалку сто лица загинаа, а 150 се повредени во пожар на свадбена прослава во областа Хамданија во ирачката провинција Ниневија, објавија рано утринава ирачките државни медиуми, пренесува „Ројтерс“. Според објавата на ирачката Црвена полумесечина на Твитер, независна организација за хуманитарна помош во Ирак, бројот на загинатите е многу поголем.