НАТО можеше да направи повеќе да ја вооружи Украина за да се обиде да ја спречи руската инвазија во 2022 година, изјави генералниот секретар на Алијансата Јенс Столтенберг во интервју за Франкфуртер алгемајне цајтунг (ФАЦ).
Запрашан кој бил најлошиот ден од неговиот 10-годишен мандат како шеф на НАТО, Столтенберг рече дека тоа е 24 февруари 2022 година, кога Русија ја нападна Украина. Посочува дека војната на Москва против Киев не започна во 2022 година, туку во 2014 година со анексијата на Крим.
– Ако Украина беше посилна воено, претпазливоста на Русија пред нападот ќе беше поголема. Не може да се каже дали ќе беше доволно. За време на мојата прва посета на Украина во 2015 година, го посетив тамошниот тренинг центар. САД, Канада и Британија обучуваа војници таму, ние како НАТО не. Генерално, нашата обука и опрема беа доста ограничени. Можевме да направиме многу повеќе – вели Столтенберг, кој наскоро го напушта челното место во Алијансата.
Како најдобар ден во неговата кариера, пак, го посочува пристапувањето на Финска и Шведска во НАТО.
НАТО, според него, не бил подготвен да обезбеди оружје што Киев го побарал пред руската инвазија поради стравувањата дека тензиите со Русија ќе ескалираат.
– Сега ја вооружуваме Украина за војна, тогаш можевме да ја вооружиме Украина за да спречиме војна – истакна Столтенберг.
Крајот на војната во Украина, како што нагласува, сепак, ќе биде на преговарачка маса преку дијалог со Русија.
– Сè уште верувам во дијалог со Русија во комбинација со заштита и одвраќање. Мора да бидеме силни за да водиме значаен дијалог. Се разбира, сега просторот за тоа е многу помал, речиси непостоечки, во споредба со 2014 година. Еден од моите први големи проекти како генерален секретар беше активирање на Советот НАТО-Русија, кој долго време не се состана. Едно е јасно: за да се стави крај на оваа војна, во одреден момент мора повторно да има дијалог со Русија. Но, ова треба да се заснова на украинската сила – истакна Столтенберг.
Јенс Столтенберг, поранешен премиер на Норвешка, во октомври годинава ќе ја напушти функцијата генерален секретар на НАТО, што ја изврпуваше од 2014 година. Следен шеф на НАТО ќе биде поранешниот холандски премиер Марк Руте.
Столтенберг одби да потврди дека ќе ја преземе функцијата претседавач на Минхенската безбедносна конференција од германскиот дипломат Кристоф Хојсген. Тој за ФАЦ вели дека има „многу опции“ и дека би сакал да се пресели и да живее во Осло.