Фото: Министерство за одбрана на Русија

Специјалната воена операција во Украина не зависи од временските услови и продолжува, изјави денеска за медиумите портпаролот на Кремљ, Дмитри Песков.

– Специјалната воена операција продолжува, таа не зависи од климатските или временските услови. Нејзините цели мора да се постигнат – рече Песков, пренесе Тасс.

Одговарајќи на прашање за милионите украински граѓани кои на 15 ноември останаа без струја и топлина поради руските борбени операции во време кога временските прогнози предвидуваа пониски температури на воздухот, Песков рече дека тоа е резултат на напад на воена инфраструктура.

-Тоа се случи поради одбивањето на Киев да води преговори со Русија – рече Песков.

Портпаролот на руското Министерство за одбрана Игор Конашенков вчера изјави дека на 15 ноември руските вооружени сили извршиле масовен напад со високопрецизно оружје со долг дострел од воздух и море врз украинската војска, системи за команда и контрола и сродните енергетски објекти, додавајќи дека „целите на нападот се постигнати“.