Соработката меѓу Кина и Европа и поделбата на трудот меѓу Истокот и Западот треба да се гледаат како шанса, како можност, а не како закана или ризик

Мислење: Петер Сијарто, министер за надворешни работи на Унгарија

Откако поминаа 78 години од Втората светска војна, ние повторно имаме војна што се случува на нашиот континент. Станува збор за регионална војна со глобални последици и мислам дека најгорливото прашање што сега се поставува е дали таа ќе остане на локално ниво или ќе прерасне во светска војна. Во моментов последиците се глобални, а прашањето е дали војната ќе стане глобална. Седумдесет и осум години по крајот на Втората светска војна, верувам дека не е претерување да се каже дека нашиот континент се соочува со најсериозниот безбедносен и економски предизвик. Нашиот цврст став е дека европскиот народ не е одговорен за војната во Украина. Исто така цврсто сметаме дека европскиот народ не е вмешан во оваа војна. Некои од политичките лидери дефинитивно размислуваат за војна. Но, јас уште верувам дека оваа војна во Украина не е војна на народот, на европскиот народ.
Сепак сите луѓе, сите граѓани во Европа ја плаќаат цената од оваа војна, и тоа во форма на рекордно високи цени на енергенти, рекордно висока инфлација, рекордно високи цени на храна, стоки итн. Војната започна пред една година и четири месеци, а во текот на овој период Европа не успеа да изврши притисок да ѝ се стави крај. Не бевме успешни во постигнувањето на мирот во текот на овие 16 месеци. Ризикот од ескалација е посериозен од претходно и, за жал, нашата конкурентност, кога станува збор за европската економија, е полоша од кога било. Што друго би можеле да кажеме освен тоа што ќе мораме да платиме седум пати повеќе за гас отколку во САД или трипати повеќе за струја во споредба со цените во Кина.

Двете колосални грешки на Европа

Европа направи две огромни грешки. Прво, сè подлабоко и подлабоко запаѓавме во политиките на санкции. Второ, на некаков начин ја прифативме или не ја одбивме поканата на САД во натпреварот за тоа „кој повеќе воено ѝ помага на Украина“. Влегувањето во натпревар со првата воена сила во светот, во однос на давањето воена поддршка, беше многу нелогичен чекор. Од почетокот на војната што се случува во Европа, ние Европејците се соочуваме со најсериозните последици. За жал, сè повеќе тонеме во многу опасна спирала, затоа што колку повеќе оружје се испорачува во Украина, толку подолго ќе трае војната. Колку подолго трае војната, толку повеќе луѓе ќе гинат. Веруваме дека најважната должност на меѓународната заедница во моментов треба да биде да ги спаси животите на луѓето. Спасувањето животи не е можно со војна, туку само со мир.
Во однос на санкциите, бев присутен кога се дискутираа досега договорените десет рунди, бев присутен кога се дискутираше за првата рунда санкции и многу јасно се сеќавам на двете цели на санкциите. Првата цел беше санкциите да ја фрлат Русија на колена во однос на економијата, а втората цел беше да ја принудат да ѝ стави крај на војната. По 16 месеци од почетокот на војната и 10 рунди на санкции, овие две цели ни оддалеку не се остварија. Русија дефинитивно не е на колена кога станува збор за економијата, а војната станува сè побрутална.
Ако погледнете што направија САД, од економски аспект, тие го воведоа Законот за намалување на инфлацијата (ИРА), со кој отворено им се дава предност на американските компании во однос на европските. Тука, со санкциите, европските компании се соочени со сè повеќе економски предизвици и пречки. Ако ги споредите овие две нешта, станува очигледно дека поради разликата во пристапот на економските реакции во однос на војната од двете страни на Атлантикот, конкурентноста на европските компании, односно на европската економија, драстично опаѓа.

Втората сериозна последица од војната

Светот повторно ќе биде поделен на блокови. Ако светот повторно се подели на блокови, тоа е најлошата вест што би можеле да ја добиеме. Ние, Унгарците, кои се наоѓаме во Централна Европа, знаеме како е кога има конфликт меѓу Истокот и Западот. Секогаш кога имаше конфликт меѓу Истокот и Западот во историјата, ние губевме. Секогаш кога имало цивилизирана соработка, цивилизирана поделба на труд, цивилизиран начин на работење заедно меѓу Истокот и Западот, сме имале многу поголема корист отколку конфликтот меѓу двете страни. Наместо светот да биде поделен на блокови, ние би претпочитале поврзаност во иднина. Поврзаност базирана на заедничка почит и во насока на заедничките придобивки.
За жал, има последици што го зајакнуваат и ќе го забрзаат феноменот на поделба на блокови. Имено, постојат напори на некои наши европски пријатели за одвојување на европската економија од источните економии. Ве молам запаметете дека долги години за цврстите темели на растот на европската економија беше заслужна добрата комбинација, односно добрата соработка меѓу најсилно развиените западни технологии и евтините и релативно достапни природни ресурси од Истокот. Овие две нешта, развиените технологии од Западот и природите ресурси од Истокот, се комбинираа во корист на брзорастечката европска економија. Сега му дојде крајот на тоа. Сите знаат дека тоа заврши. Но, ако ја одвоиме европската економија од кинеската, тоа ќе биде нокаут за европската. Зошто? Затоа што не можете да одвоите две економии што имаат трговија вредна 865 милијарди евра годишно. Да не говориме ниту за фактот што врз основа на политичките одлуки, столбот на европската економија и на европската конкурентност, имено на автомобилската индустрија, мора да стане целосно нова индустрија со премин низ револуционерни промени. Кога се размислуваше стратегијата за креирање индустрија за електрични возила во Европа, оние што размислуваа за ова прашање во главата имаа како европските производители ќе произведат квалитетни возила во иднина, но никој не размисли кој ќе ги обезбеди батериите. Ова е првпат досега кога водечка европска индустрија, која го диктира успехот на целата европска економија низ годините, нашите европски фирми целосно се зависни од источниот увоз на стоки. Без разлика дали тоа ни се допаѓа или не, дали сме храбри или не да зборуваме за тоа, но ова е состојба што беше создадена од политичките одлуки тука, во Европа.
Соработката меѓу Кина и Европа и поделбата на трудот меѓу Истокот и Западот треба да се гледаат како шанса, како можност, а не како закана или ризик. Ние во Унгарија докажавме дека ако се седне на преговарачката маса со источни и со западни инвеститори, можеме да извлечеме голема корист од соработката за нашиот народ. Затоа мислам дека ќе биде одлично ако наместо размислување за одвојување овде, во Европа, започнеме дебата за тоа како да изградиме понатамошна поврзаност и како ние, Европејците, да го искористуваме најдоброто од соработката меѓу Истокот и Западот и во иднина да го делиме трудот.

Ние, Унгарците, веруваме дека огромното мнозинство во светот сака мир во најскоро време

Би сакал да отворам прашање поврзано со можните долгорочни негативни последици од војната во Украина. Ова прашање сè почесто се споменуваше од нашите африкански колеги. Некои од нив го поставија прашањето што ќе се случи со оние оружја што се испорачуваат во Украина. Што ќе се случи со нив, дали постои некаква гаранција дека овие оружја нема да се појават во одредени региони во светот што се ранливи и каде што само мал дел од овие оружја може да предизвика огромни трагедии? Ова не е мое прашање, туку на претставници од тие региони и држави што се ранливи и што може да бидат дестабилизирани многу лесно. Сите знаеме дека во овие ранливи региони, регионални конфликти можат да избијат многу лесно, а ако избијат, тогаш ќе се јават екстремизам и страв од тероризам, како и нелегални мигрантски бранови.
Кога станува збор за светот, огромното мнозинство држави апсолутно се заинтересирани за мир во најскор можен рок….Ние, Унгарците, веруваме дека ова огромно мнозинство во светот сака мир во најскоро време… Ова не е само став на владата во Унгарија, туку е и волја на народот.