Фото: Твитер/Руска мисија во ОН

САД и нивните сојузници за време на вонредната седница на Советот за безбедност на ОН, го осудија признавањето на областите под контрола на бунтовниците во Украина од страна на Владимир Путин и распоредувањето војници, оценувајќи како грубо кршење на меѓународното право и „изговор за војна“.

Во своето обраќање на седницата, американската амбасадорка Линда Томас-Гринфилд го одби тврдењето на Путин дека руските трупи ќе преземат мировна улога во областите Доњецк и Луганск.

– Тој ги нарекува мировници. Ова нема никаква смисла. Знаеме што се тие навистина –  истакна Томас-Гринфилд.

Амбасадорот на Украина во ОН, Сергиј Кислицја инсистираше на тоа дека границите на неговата земја остануваат „непроменливи“ и покрај дејствијата на Русија.

– Москва се уште е „отворена за дипломатско решение – изјави рускиот амбасадор во ОН, Василиј Небензја.

– Сепак, да дозволиме ново крвопролевање во Донбас е нешто што немаме намера да го направиме, додаде тој, мислејќи на регионот што ги опфаќа Доњецк и Луганск.


Доњецк и Луганск го прославија признавањето на независноста со руската химна и огномет

Жителите на Доњецк и Луганск на улиците го слават потпишувањето на документот за признавање на независноста од страна на Русија на Народните републики Доњецк и Луганск.

Веднаш по признавањето, рускиот претседател Владимир Путин им нареди на вооружените сили на Руската Федерација да обезбедат мир во тие два региона во источна Украина.

Откако рускиот претседател изјави дека неговата земја ја признава независноста на ДНР и ЛНР, жителите на Доњецк излегоа на улиците да ја прослават оваа одлука.

На централниот плоштад во Доњецк беше организиран огномет, а се слушаше и химната на Русија.

Група луѓе со руски знамиња го следеа обраќањето на претседателот на Русија, Владимир Путин. Во Луганск славењето на републиката беше прославено со колона возила.

Рускиот претседател синоќа го потпиша Указот за признавање на самопрогласените Луганска и Доњецка народна република и им нареди на извршните власти да го ратификуваат документот што е можно поскоро. Во исто време, Путин потпиша договори за соработка со лидерите на ЛНР и ДНР.


Зеленски: Границите на Украина остануваат исти

Украинскиот претседател Владимир Зеленски изјави дека меѓународните граници на неговата земја ќе останат такви какви што биле, посочувајќи дека потегот на Русија претставува повреда на интегритетот и суверенитетот на Украина.

Тој говореше откако рускиот претседател Владимир Путин му нареди на Министерството за одбрана да испрати војници во регионите под контрола на сепаратистите поддржани од Москва во источна Украина. Путин го издаде декретот рано изутринава, по московско време.

– Не се плашиме. Никому ништо не должиме и никому ништо нема да дадеме – изјави украинскиот претседател по одлуката на Путин, нагласувајќи дека Украина се уште е „заговорник за политички и дипломатски договор“.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски рече дека неговата земја сака мир и порача „чекаме јасни и ефекасни чекори за поддршка од нашите партнери.


Османи го осуди руското признавање на Доњецк и Луганск

Силно го осудуваме признавањето од страна на Русија на украинските области Доњецк и Луганск како независни, напиша на Твитер министерот за надворешни работи на Македонија Бујар Османи.

– Ваквите акти претставуваат сериозно кршење на меѓународното право. Северна Македонија уште еднаш ја повторува својата недвосмислена поддршка за суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина – наведува Османи, по одлуката на рускиот претседател Владимир Путин да ја признае независноста на т.н. Доњецка народна република и Луганска народна република во Украина.