Западот размислува за ембарго на руската нафта, а Москва да го запре гасоводот кон Европа

Изјавата на рускиот вицепремиер дека Русија би можела да го затвори главниот гасовод кон Европа, доколку Западот навистина воведе ембарго на руската нафта, предизвика бура од реакции во меѓународната јавност.
– Отфрлањето на руската нафта би можело да има катастрофални последици за светскиот пазар и да предизвика удвојување на цената на нафтата, до 300 долари за барел – изјави рускиот вицепремиер Александер Новак.
Ваквата изјава доаѓа набргу по информацијата дека САД соопштија дека дискутираат со сојузниците за можно ембарго на руската нафта, како дополнителен начин на казнување на Русија за инвазијата на Украина. Сепак, Германија и Холандија го отфрлија овој план. Европската Унија добива 40 отсто од гасот и 30 отсто од нафтата од Русија и тешко би можела да најде замена ако дојде до нарушување на испораките.
– Би било невозможно за кратко време да се најде замена за руската нафта за европскиот пазар. Би биле потребни години и таа нафта повторно би била многу поскапа за европските потрошувачи. Тие најтешко би биле погодени од ембаргото – изјави Новак.
Напоменувајќи дека Германија веќе го блокираше гасоводот „Северен тек 2“, нафтеното ембарго не би поминало без одмазднички мерки, додаде Новак.
– Имаме секое право да одговориме на тоа и да го запреме дотокот на гасот што поминува низ „Северен тек 1“ – кажа Новак.
Гасоводот „Северен тек 1“ е важен дел од снабдувањето со гас на Германија и Европа веќе една деценија. Гасоводот минува од Русија преку Балтичко Море до германската покраина Мекленбург – Предна Померанија.
Русија е најголем производител на природен гас и втор најголем производител на сурова нафта на светот, зад Саудиска Арабија.

САД без конечна одлука, за Германија руските енергенти се незаменливи за Европа

Претседателот на Соединетите Американски Држави, Џо Бајден, сѐ уште нема донесено конечна одлука за забраната за увоз на руска нафта, соопшти Белата куќа. Портпаролката на Белата куќа, Џен Псаки, рече дека разговорите за ова прашање се во тек во администрацијата на Бајден, како и разговорите со меѓународните партнери.
Инаку, политиката на американската администрација е добро позната. За да ги обезбедат својата економија и граѓаните, САД не воведоа санкции за увоз на руската нафта, туку напротив. Во екот на најголемите судири во Украина и заговарањето и спроведувањето на досега најширокиот обем на санкции спрема Русија, увозот на руска нафта во САД достигна рекорден обем, иако тие самите на своите европски сојузници им наметнаа санкции за набавка на руската нафта и гас. Со тоа американската администрација уште еднаш покажува дека интересот за својата економија и граѓани е неприкосновен, без разлика какви кризи се случуваат во светот. Грижата за економијата и нацијата никогаш не ја испуштаат од фокусот и таа е приоритет над приоритетите.
Што се однесува до европските сојузници на САД, за обележување е изјавата на германскиот канцелар Олаф Шолц дека увозот на енергенти од Русија е клучен за секојдневниот живот на европските граѓани и оти во моментот континентот не може да ги обезбеди на друг начин.
– Додека во САД и во ЕУ се разговара за санкции против руските енергетски извори како одговор на инвазијата врз Украина, снабдувањето енергија за Европа за греење, мобилност, електрична енергија и индустрија во моментов не може да се гарантира на кој било друг начин – се наведува во пишаната изјава на Шолц.
Тој додаде дека Европа намерно ги исклучи енергентите во првите санкции против Москва, бидејќи таквата мерка ќе го дестабилизираше пазарот и ќе имаше пресилно влијание на европската економија.
– Германија е меѓу оние земји од ЕУ што се во голема мера зависни од увоз на гас, нафта и јаглен од Русија. Берлин работи на развивање алтернативи за руската енергија. Но тоа не може да се постигне од денеска за утре – истакна Шолц.
Повод за ваквата реакција беше изјавата на американскиот државен секретар Ентони Блинкен во интервју за телевизијата Ен-би-си, ден претходно, дека САД и европските партнери размислуваат за забрана на увоз на руска нафта.
– Во многу активни разговори сме со нашите европски партнери за забрана на увозот на руска нафта во нашите земји, секако, во исто време и за одржување стабилно глобално снабдување со нафта – посочи Блинкен.
САД и украинскиот претседател Володимир Зеленски сакаат Брисел да воведе санкции на увозот на руска нафта, со што се согласуваат земјите од Источна Европа, додека балтичките држави се чувствуваат изложени на руската закана. Германија и Италија стравуваат од пораст на цените на енергентите.

Што може да донесе забраната за увоз на руска нафта

Најавите од САД дека анализираат забрана на увоз на руска нафта предизвика пораст на суровата нафта од типот брент до речиси 140 долари за барел, што е највисоко ниво од 2008 година. Русија е најголемиот светски извозник на сурова нафта и нафтени продукти заедно, со околу седум милиони барели дневно или седум отсто од глобалната понуда. Таквата забрана би била без преседан, со исклучително високи цени и ризик од инфлациски шок.
Западните влади не го санкционираа директно рускиот енергетски сектор, но некои клиенти веќе ја избегнуваат руската нафта за да избегнат подоцна да се заплеткаат во правни проблеми. Џеј Пи Морган предвидува дека нафтата би можела да достигне рекордни 185 долари за барел до крајот на 2022 година, доколку прекинот на рускиот извоз трае толку долго, иако банката очекува просечна годишна цена под 100 долари.
Последен пат цените на нафтата беа над 100 долари во 2014 година, а нивоата завчера не беа далеку од врвот од повеќе од 147 долари, достигнат во јули 2008 година. Аналитичарите најавуваат дека ако продолжи војната, цената на брент може да се искачи над границата од 150 долари за барел.
Разговорите за ослободување на Иран од меѓународните санкции се во напредна фаза, но нема доволно брзина за да се замени руското производство.
Со оглед на тоа што цените на природниот гас достигнуваат највисоко ниво во историјата, зголемените трошоци за енергија се очекува да ја поттикнат инфлацијата над седум отсто на двете страни на Атлантикот во наредните месеци и да влијаат длабоко во куповната моќ на домаќинствата.
Како правило, секој пораст од 10 отсто на цената на нафтата ја зголемува инфлацијата во еврозоната за 0,1 до 0,2 процентни поени. Од 1 јануари, нафтата од типот брент поскапе за околу 80 отсто во евра. Во САД, секои 10 долари за барел пораст на цената на нафтата ја зголемува инфлацијата за 0,2 процентни поени.
Покрај тоа што е главен снабдувач на нафта и гас, Русија е и најголемиот светски извозник на жита и ѓубрива и врвен производител на паладиум, никел, јаглен и челик. Понудата за исклучување на нејзината економија од трговскиот систем ќе погоди широк опсег на индустрии и ќе ги зголеми глобалните стравови за безбедноста на храната.
Забраната на руската нафта дополнително ќе го забави новото глобално закрепнување од пандемијата на коронавирусот. Прелиминарните пресметки на Европската централна банка (ЕЦБ) сугерираат дека војната може да го намали растот на еврозоната за 0,3 до 0,4 процентни поени оваа година во основното сценарио и 1 процентен поен во случај на силен шок. Во наредните месеци постои висок ризик од стагфлација или мал до минимален раст дополнет со висока инфлација.
Во САД, ФЕД проценува дека секој пораст од 10 долари за барел на цената на нафтата го намалува растот за 0,1 процентен поен.
Во Русија штетите, најверојатно, ќе бидат големи и моментални. Џеј Пи Морган проценува дека нејзината економија ќе се намали за 12,5 отсто.
За Федералните резерви на САД, инфлациското влијание веќе се покажа преголемо и нејзиниот претседател Џером Пауел рече дека каматните стапки треба да се зголемат овој месец, зголемувајќи го притисокот врз должниците.
За ЕЦБ, итноста на политичките активности е помалку акутна бидејќи пазарот на трудот сѐ уште ужива слободен капацитет и има мала домашна инфлација.
Руско-западниот ќор-сокак може да ги интензивира односите на Москва со Пекинг, но енергетската инфраструктура меѓу двете земји е слаба. Обновливите извори на енергија би можеле да добијат поттик од среден до долг рок.