Фото: ЕПА

Сирени за тревога за ракетни напади се слушаат во Ерусалим, Тел Авив и други градови во Израел, јави ДПА.

Засега нема информации за евентуални жртви или материјална штета.

Израелската телевизија објави дека денеска ракета погодила отворена област во близина на Тел Авив.

Палестинските милитанти истрелаа илјадници ракети врз Израел од саботата. Повеќето од нив беа насочени кон пограничните градови со Појасот Газа.

Израел мобилизира околу 300.000 резервисти како одговор на големиот напад на милитантите на Хамас, потврди армискиот портпарол, пренесе ДПА.

Армијата го опиша повикот за мобилизација како најголем во израелската историја направен во толку краток временски период.

Хамас, радикалното движење кое го контролира Појасот Газа, во саботата почна ненадеен, повеќестран напад врз Израел, при што досега во него загинаа над 1.000 лица.

Истовремено, во Израел постои огромна загриженост за судбината на над 100 Евреи кои се киднапирани и одведени во Појасот Газа, пренесува ДПА.

Израел вчера прогласи воена состојба и одговори со контранапади врз Газа, во кои досега загинаа околу 500 Палестинци. Неколку илјади лица се повредени на двете страни од судирот.