Изложбата на Ерина Богоева, „Македонските архитектурални скулптури“, е закажана за денеска во МКЦ, во 20 часот.
Ерина посочува дека по долги години истражување и фотографирање на архитектурата од втората половина на ХХ век во Скопје, во 2017 година ѝ ја посветила изложбата „Затемнетиот град“ токму на таа тема, а во 2018 година со иста инспирација ја направила и монографијата „Скопје-архитектурата како фотографска скулптура“.
– Меѓутоа, факт е дека оваа монументалистичка архитектура е присутна не само во главниот град туку и низ целата наша држава, а досега ретко била предмет на истражување, фотографирање и презентирање. Имено, како и во Скопје, и во другите градови таа често е занемарена, оставена на маргините или да живурка или да пропаѓа. Дел од причините за овој однос кон брутализмот, а по него и на модернизмот (иако се светски архитектонски правци), е фактот што тие кај нас се појавуваат во времето на функционирањето на поранешната југословенска федерација. Амбивалентниот однос кон тие (веќе историски) времиња влијае врз фактот на неможноста да се постигне одвојување на убавината на градбите од политичкиот и историскиот контекст на времето во кое се создавани. Преку фотографијата сакам да ја прикажувам оваа архитектура во целосната нејзина скулптуралност, комплетно извадена од временскиот и просторниот контекст – изјави Ерина.
Според неа, кога навистина ќе се приближиме кон овие градби и споменици, можеме да ги видиме нивната големина, нивната монументалност и фактот дека архитектите што ги проектирале овие дела навистина сакале да направат прецизни градби што ќе следат геометриски црти, наедно вклопувајќи се и отскокнувајќи од околината во која се наоѓаат.

– Функционалноста на овие училишта, градинки и згради во ниеден момент не била компромитирана на сметка на нивниот екстериер (околниот пејзаж), а ни обратно. Дури и спомениците изградени во овој период (како на пример, Костурницата на архитектот Петар Муличковски во Кавадарци) од една страна се поставени на локации што им даваат шанса да се вклопат одлично во природата на градовите и да бидат функционални за рекреација на населението. Додека, пак, од друга страна се направени да личат како уметнички дела кои треба да припаѓаат во музеите. Овие архитектурални дела треба да се прикажат како џиновски скулптури во некој музеј – доближени до гледачот максимално колку што може да ѝ се доближиме на скулптура, искушени да ја допреме иако знаеме дека не смееме. Бетонот од овие објекти нѐ повикува да ја видиме страната на овие објекти, која често сме ја занемарувале. И бидејќи забранетото често е најинтригантно, преку допирот на фотографијата со архитектурата јас сакам да успеам овие дела да ги презентирам онака како што тие заслужуваат да бидат видени и запаметени за сите идни генерации – дополнува Ерина.
Изложбата е поддржана од Министерството за култура и Младинскиот културен центар и има продажен карактер.

Почетоците на Ерина во уметноста и поконкретно во фотографијата се поврзани со програмата на Меѓународната матура, во рамките на средното образование во гимназијата „Јосип Броз-Тито“ во Скопје. Таа е самоука фотографка и активно се занимава со фотографија од 2007 г.
Во јуни годинава Ерина ја имаше својата шеста самостојна изложба „Родовите приказни низ објективот“.
Ерина Богоева е дипломиран филолог на Катедрата по англиски јазик и книжевност при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, Македонија, и магистерка по филм, телевизија и екранска индустрија при Универзитетот во Нотингем, Велика Британија.