Унгарскиот премиер Виктор Орбан ретко бил изолиран во толку голема мера на европската сцена како што е случајот сега, но ги искористи плановите за забрана за руската нафта за да покаже дека и натаму е моќен играч во ЕУ, пишува „Политико“.
По почетокот на војната во Украина, Орбан зазема помек пристап кон Русија во однос на останатите западни лидери, поддржувајќи ги санкциите врз Москва, но одбивајќи да испрати оружје во Украина, додека им дозволува на државните медуми да го пренесуваат рускиот наратив за конфликтот. Ваквиот став го дистанцираше Орбан од останатите западни центри, а внесе и дополнителни тензии во односите со институциите на ЕУ, кои постојано го обвинуваат за еродирање на демократските стандарди.
Но плановите за забрана на руската нафта, му дадоа на Орбан прилика повторно да ја покажува политичката тежина во Европа и да освојува поени.
Унгарија бара промени за последниот пакет санкции на ЕУ, истакнувајќи дека забраната за руската нафта би била погубна за нејзината економија. Брисел дозволи отстапка од две години за Унгарија во однос на увозот на руска нафта, но Орбан бара пет години и значително финансирање од ЕУ.
– Виктор е играч, а сега има силна карта – вели унгарски политичар за „Политико“ опишувајќи го пристапот на Орбан.
Унгарскиот премиер ја користи приликата и директно да комуницира со лидерите на ЕУ, при што неодамна се сретна со претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лејен во Будимпешта, а телефонски разговараше и со францускиот претседател Емануел Макрон.
Цврстите ставови на Орбан го соочуваат водството на ЕУ во дилема – дали да го ускратат пристапот на Унгарија до европските фондови или да заземат помек пристап за да избегнат нови конфликти со унгарскиот премиер.
– Прашањето сега е колку цврст е 13-от кат – кажа изворот на „Политико“ од Унгарија, мислејќи на канцелариите на тимот на Урсула фон дер Лејен кои се наоѓаат на 13-от кат во зградата на Европската комисија во Брисел.