ФУДБАЛ

Томас Милер останува е „крал на асистенциите“

Првенствената сезона 2021/2022 во повеќето европски лиги е при крај, прваците веќе се знаат или набргу ќе се дознаат, како и најдобрите стрелци, но и асистенти, категорија што сѐ повеќе се цени во светот на фудбалот. Томас Милер (32), играчот за врска на Баерн, кој ја завери 10-та титула во низа првак на Германија, е на водечката позиција со 17 асистенции и е пред третото по ред признание за најдобар асистент.
Тој има една асистенција повеќе од Килијан Мбапе од Пари сен Жермен, односно четири повеќе од Лионел Меси од ПСЖ, Кристофер Нкунку од Лајпциг, Мохамед Салах од Ливерпул и Марко Ројс од Борусија Дортмунд. Тројца фудбалери имаат по 12 асистенции, и тоа Трент Александер-Арнолд од Ливерпул, Доменико Берарди од Саусоло и Муса Диаби од Баер итн.
Милер и понатаму е многу креативен и продолжува во ист стил како и во минатите две сезони, кога беше „крал на асистенциите“, лани со 19, а во сезоната 2019/2020 со 21, и покрај тоа што во Бундес-лигата се играат 34 натпревари, наместо 38 како во другите големи европски лиги. На Баерн му преостанува уште еден првенствен натпревар, викендов со Волфсбург. Мбапе веќе го удвои вкупниот број асистенции од ланската сезона и го забележа најдобриот ефект во кариерата во оваа категорија. Тој има уште два првенствени натпревара за играње до крајот на сезонава. Л.Д.


ФУДБАЛ

Бразил и Аргентина ќе мора да одиграат меч без значење во квалификациите за СП

Бразил и Аргентина ќе мора да го одиграат квалификацискиот натпревар за фудбалското Светско првенство (СП) во Катар што беше прекинат лани во септември во Сао Паоло, поради хаосот на теренот предизвикан поради прекршувањето на правилата за пандемијата на ковид-19, пишува агенцијата „Асошиејтед прес“ (АП). Бразилските здравствени власти излегоа на теренот неколку минути по почетокот на мечот за да го оспорат карантинскиот статус на некои играчи на Аргентина. Двете репрезентации без поголеми проблеми се пласираа на СП 2022 како првопласирани во јужноамериканската група и нема никаква потреба за играње на тој меч. Но Светската фудбалска федерација ја одби нивната жалба и реши тие да го одиграат тој во суштина квалификациски меч без значење, веројатно во септември. Тоа може да биде втор меч меѓу двете селекции пред СП, по пријателскиот натпревар во јуни во Австралија. Л.Д.


АНАЛИЗА НА ЦИЕС

Бразил и понатаму има најмногу фудбалери во странство

Фудбалската опсерваторија на Интернационалниот центар за спортски студии (ЦИЕС) ги претстави 80-те фудбалски асоцијации со најмногу играчи во странство, во 135 лиги во светот. Бразил е на чело, со 1.219 фудбалери во странство, а потоа се Франција (978) и Аргентина (815). Бројот на Бразилци и на Аргентинци во странство малку се зголеми од 2017 година, а бројот на Французите значително. На листата потоа се Англија со 525 фудбалери во странство, Германија со 441, Колумбија со 425, Шпанија со 409…, а Македонија има 92, објави ЦИЕС. Од 2017 година, најголем пораст во апсолутна вредност е забележан кај Французите (плус 208 играчи во странство), Холанѓаните (плус 137) и кај Колумбијците (плус 124), пишува ЦИЕС.


АТЛЕТИКА

Финалето на Дијамантската лига наизменично во Цирих и во Брисел

Цирих (Швајцарија) и Брисел (Белгија) наизменично ќе бидат домаќини на финалето на Дијамантската лига во атлетика помеѓу 2024 и 2027 година, реши генералното собрание на Здружението на Дијамантската лига, објави Светската атлетика (СА).
Атлетичарите се натпреваруваат за поени на митинзите на Дијамантската лига во текот на целата сезона, а најуспешните се квалификуваат за место во финалето и за можноста за освојување на дијамантскиот трофеј, најпрестижната титула во атлетиката надвор од големите првенства. Брисел ќе биде домаќин во 2024 и во 2026 година, Цирих во 2025 и во 2027 година, како и годинава, а финалето в година е предвидено првпат да се одржи надвор од Европа, во Јуџин (САД), пишува СА.