Во деновите и неделите по почетокот на војната меѓу Хамас и Израел, бројот на загинатите сигурно ќе расте, а употребата на слоганот „од реката до морето“ ги прави сите уште понервозни. На пропалестинските собири во кампусите и градовите низ светот, а особено низ Европа, одекнува слоганот што некои го усвоија како повик за единствена држава на територијата помеѓу реката Јордан и Средоземно Море. Евреите, од друга страна, од скандирањето слушаат и разбираат „гласен повик за уништување на Израел“

Контроверзниот слоган со различно значење за Израелците и за Палестинците

„Од реката до морето, Палестина ќе биде слободна“ скандираа пропалестинските активисти, кои протестираа од Лондон до Рим и Вашингтон, по силниот израелски одговор по најкрвавиот напад во историјата на еврејската држава. Овој слоган стана борбен крик со нова моќ за влијание врз Евреите и пропалестинските активисти по нападот на Хамас во јужен Израел на 7 октомври и последователното израелско бомбардирање на Газа.
Значењето на оваа фраза, како и за целиот конфликт на Блискиот Исток, е различно и зависи од тоа кој ја користи и за која публика е наменета. Палестинските активисти велат дека тоа е повик за мир и еднаквост по 75 години израелска државност и децении на отворена израелска воена власт над милиони Палестинци. Евреите, од друга страна, слушаат гласен повик за уништување на Израел.
За да се разбере суштината на проблемот со користењето на оваа фраза треба да се знае и географското значење „од реката до морето“. Тоа е просторот што го обележува реката Јордан, чие корито претставува кривулеста патека долга 320 километри, која минува низ источниот раб на Израел и Западниот Брег. Морето е блескавиот Медитеран и ја претставува западната граница на оваа територија.
Во деновите и неделите по почетокот на војната меѓу Хамас и Израел, бројот на загинатите сигурно ќе расте, а употребата на слоганот ги прави сите нервозни. На пропалестинските собири во кампусите и градовите одекнува слоганот што некои го усвоија како повик за единствена држава на територијата помеѓу реката Јордан и Средоземно Море.
До 2012 година беше јасно дека Хамас го усвои слоганот во обидот да ја преземе земјата што ги вклучува Израел, Појасот Газа и Западниот Брег.
– Палестина е наша од реката до морето и од југ до север. Нема да отстапиме ни педа земја – рече Калед Машал, поранешен водач на групата, во говорот во Газа, по повод 25-годишнината од основањето на Хамас.
Фразата има свои корени во повелбата на Хамас. Сепак, приказната зад слоганот е многу поширока и започнува пред неколку децении. Во месеците пред и за време на војната во 1948 година, околу 700.000 Палестинци избегаа или беа протерани од денешен Израел. Многумина се надеваа на враќање. Израел го освои Западниот Брег, заедно со Газа и Источен Ерусалим, во војната во 1967 година. Во 2005 година, Израел се повлече од Газа, а во 2007 година Хамас презеде мал појас од палестинските власти.
За Евреите во Лондон употребата на слоганот е особено застрашувачка и влијае на новиот пораст на антисемитизмот, поради што, според нив, имаат многу причини за страв, пишува „Еуроњуз“.
„Не сомневајте се дека Хамас го поздравува скандирањето ’од реката до морето‘, бидејќи Палестина меѓу реката и морето не остава ниту сантиметар за Израел“, се вели во отвореното писмо потпишано од 30 еврејски медиуми низ светот.
– Никој сега не може да каже дека во очите на Хамас, омразата кон Израел не значи омраза кон сите Евреи. Слоганите, транспарентите и скандирањата што повикуваат на уништување на Израел, а всушност и на сите Евреи, јасно го покажуваат тоа – вели Сара Нахленсен, која живее во Лондон.
Во објавата на социјалните мрежи, Јусеф Мунајер, шеф на програмата „Палестина – Израел“ и виш соработник во Арапскиот центар – Вашингтон, порачува дека „нема ниту еден квадратен сантиметар земја помеѓу реката и морето каде што Палестинците имаат слобода, правда и еднаквост, и тоа никогаш не било поважно да се нагласи од сега“.
Поголемиот дел од меѓународната заедница го поддржува решението за две држави, кое повикува на поделба на земјата. За многумина, сепак, децениското проширување на израелските населби ја направија невозможна реалноста за решение со две држави.
Израелските десничари ги заматија границите меѓу Израел и Западниот Брег, каде што сега живеат половина милион луѓе во населбите. Многумина во израелската влада ја поддржуваат анексијата на Западниот Брег, а на официјалните владини мапи често не се споменува границата, „зелената линија“ меѓу нив.
И првичната платформа на партијата на премиерот Бенјамин Нетанјаху, Ликуд, вклучуваше верзија на слоганот, кој вели дека меѓу морето и реката Јордан „ќе постои само суверенитетот на Израел“, пишува во текстот на „Еуроњуз“.
Прифаќањето или отфрлањето на овој слоган од луѓето во политиката има особено влијание, како што беше случајот со членот на Претставничкиот дом на САД, Рашида Тлаиб, која доби укор поради користењето на оваа фраза. Минатиот месец, полицијата во Виена ги забрани пропалестинските демонстрации, наведувајќи го фактот дека фразата „од реката до морето“, која била спомната во поканите за митингот, е повик за насилство.
Во Британија, Лабуристичката партија привремено го суспендираше пратеникот Енди Мекдоналд поради користењето на терминот на протестен митинг на кој се повикуваше да се прекине бомбардирањето на Газа.