Фото: ЕПА

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, изјави дека по средбата меѓу двајцата лидери не се очекува да бидат усвоени никакви документи, вклучувајќи и каква било заедничка декларација

Средба на претседателот на Русија и лидерот на Северна Кореја

Заврши средбата меѓу претседателот на Русија, Владимир Путин, и лидерот на Северна Кореја, Ким Јонг-ун, што се одржа во космодромот „Восточни“ во областа Амур во Русија. По преговорите во проширениот состав на двете делегации, одржана е двочасовна средба меѓу Владимир Путин и Ким Јонг-ун, на која севернокорејскиот лидер му ветил на рускиот претседател воена помош за Русија, пренесоа светските медиуми.

Песков: Соработка во корист на двете земји

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, изјави дека по средбата меѓу двајцата лидери не се очекува да бидат усвоени никакви документи, вклучувајќи и каква било заедничка декларација.
– Сите други прашања се однесуваат само на нашите две суверени земји и не треба да бидат грижа на трети земји, бидејќи нашата соработка е во корист на народот на нашите две земји, а не се против никого – изјави Песков за телевизијата Русија 1. Песков посочи дека градењето односи меѓу Русија и Северна Кореја се однесува и на чувствителните области, вклучувајќи ја и војската.
Посетата на Ким Јонг-ун на Русија е прва по речиси четири години и таа претставува јасно покажување на „стратегиската важност“ на односите на двете земји, објави државниот севернокорејски медиум КЦНА, пред одржувањето на средбата меѓу лидерите на Русија и на Северна Кореја.

Западот со особено внимание ја следеше средбата

Состанокот меѓу лидерите на двете земји, внимателно беше следен на Западот и во Украина, при што се очекуваше Путин и Ким да разговараат за можноста Северна Кореја да ѝ продаде оружје и муниција на Русија. Путин не го коментираше ова, само потврди дека Русија би можела да ѝ помогне на Северна Кореја во развојот на нејзината вселенска програма.
По завршувањето на средбата, Путин кажа дека постојат можности за билатерална воено-техничка соработка, но додаде дека Русија ќе се придржува до своите меѓународни обврски.
Претходно, официјални лица на САД и на Јужна Кореја изразија загриженост дека Ким ќе разговара за испораките на оружје и муниција за Русија, која потроши огромен арсенал во изминатите 18 месеци во војната во Украина.
Дополнително, Би-би-си пренесе дека на состанокот, дел од севернокорејската и руската делегација биле врвни дипломати и воени команданти, додавајќи дека тоа е индикација за видот на преговорите што би можеле да се одржат меѓу двајцата лидери. Во придружбата на Ким беа и командантот на Корејската народна армија, Ри Пјонг-чол, неговиот заменик, Пак Јонг-чон и Џо Чун-рионг, директорот на севернокорејското одделение за индустрија за муниција.
Според информации на британскиот национален сервис, во Русија како дел од делегацијата на Пјонгјанг била и Ким Јо-џонг, моќната и влијателна сестра на севернокорејскиот лидер.
Претходно Џон Кирби, портпарол на американскиот Национален совет за безбедност, изјави дека рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу при посетата на Северна Кореја се обидел да го убеди Пјонгјанг да ѝ продаде на Москва артилериска муниција. Доколку се почне со испорака со оружјето на Русија, Америка ќе одговори и со воведување санкции кон Пјонгјанг, најави Кирби. Но, Кремљ одговори дека не ги интересираат предупредувањата од Вашингтон, туку интересите на Пјонгјанг и на Москва.
Некои аналитичари укажуваат дека средбата меѓу Путин и Ким, од страна на Западот се гледа како на опасност во смисла дека може да дојде до промена на односите на силите во тој регион, каде што Северна Кореја развива добри односи со Русија и со Кина. Се потенцира дека овие земји развиваат стратегиска соработка, како противтежа на соработката на САД, Јужна Кореја и Јапонија. Затоа, постои загриженост кај Вашингтон за тоа односот на силите да не премине во корист на Русија, Кина и Северна Кореја. Во тој контекст се наведува изјавата на претставник на службата за разузнавање на Јужна Кореја дека рускиот министер за одбрана предложил Русија и Северна Кореја да одржат заеднички поморски вежби, слични на оние што заеднички ги организираат САД, Јапонија и Јужна Кореја.


Ким Јонг-ун ја продолжи семејната традиција за патување со воз

Лидерот на Северна Кореја, Ким Јонг-ун, пристигна во Русија со оклопен воз, во согласност со долгогодишната севернокорејска традиција. Ким помина повеќе од 20 часа патувајќи со композицијата, чија локомотива поради тешката оклопна заштита, го влече возот со брзина од околу 50 километри на час.
За долгото патување е виновна и понекогаш застарената железничка мрежа на Северна Кореја, наведува Би-би-си. Овој воз е целосно блиндиран, од прозорците до ѕидовите до подот, што го штити од куршуми и експлозиви. Неговите карактеристики не се ограничени само на тоа, тој е опремен и со јуришно оружје и има хеликоптер за итни ситуации.
Возот го доби името „Таченго“ (Taejangho), корејскиот збор за сонце, симболична референца за основачот на Северна Кореја, Ким Ил-сунг. Традицијата на патување на долги растојанија со воз ја започнал Ким Ил-сунг (дедото на Ким Јонг-ун), кој патувал со воз до Виетнам и Источна Европа.
Се вели дека овие луксузни возови ги чува силно вооружен безбедносен персонал, кој ги проверува маршрутите и претстојните станици за бомби и други закани.
Се верува дека Ким Јонг-ил (таткото на Ким Јонг-ун), кој владеел со Северна Кореја од 1994 година до неговата смрт во 2011 година, патувал со воз бидејќи се плашел да лета. Така, во 2001 година Ким Јонг-ил десет дена отпатува во Москва на средба со Путин. Високиот руски старешина Константин Пуликовски, кој го придружуваше поранешниот лидер на Северна Кореја на тоа патување, во своите мемоари пишува за луксузот на возот на севернокорејскиот лидер. „Беше можно да се нарача секое руско, кинеско, корејско, јапонско или француско јадење“, вели Пуликовски. Тој рече дека ниту приватниот воз на Путин не може да се пофали со таква удобност. Севернокорејските медиуми објавија дека Ким Јонг-ил починал од срцев удар во возот. Јужнокорејскиот печат напиша дека оклопниот воз има на располагање околу 90 вагони за да формира состав на воз. Возот има и конференциски сали, приемни и спални соби, вградени сателитски телефони и телевизија.
Ким Јонг-ун не го дели стравот на татко му од летање, познато е дека неколкупати патувал со авион. Сепак, тој ја продолжува традицијата на патување со воз – кога го сретна Путин во Владивосток во 2019 година, тој пристигна со митскиот воз. Инаку, на границата со Русија менувањето на тркалата на воз трае неколку часа бидејќи руските шини се пошироки од стандардните во поголемиот дел од светот.