Фото: Федерална Влада на Германија

Германскиот канцелар Олаф Шолц изјави дека е подготвен да го разгледа договорот меѓу Рим и Тирана за сместување мигранти во Албанија, како дел од напорите на Европската Унија да ја запре илегалната имиграција.

– Имајте на ум дека, според нас, Албанија многу брзо ќе биде членка на ЕУ, што значи дека се работи за прашањето како заеднички да ги решиме предизвиците и проблемите во европското семејство, рече Шолц на брифинг во шпанскиот град Малага, каде што учествуваше на Конгресот на Партијата на европските социјалисти (ПЕС). – Вакви договори се можни и сите ќе го разгледаме моделот многу внимателно, додаде Шолц.

Во понеделникот, Италија се договори со Албанија да изградат два прифатни и притворни кампови за мигрантите кои пристигнале по море. Следниот ден Шолц постигна договор со лидерите на 16-те германски покраини за построга миграциска политика и ново финансирање на бегалците, забележа ДПА.

Шолц рече дека е потребен јасен европски курс за миграциската политика „за да се поправат работите што не беа исправни и да се создаде механизам за солидарност, така што секоја земја поединечно нема да се обидува сама да се справи со предизвиците“.

Преразгледувањето на правилата на Унијата за азил и миграција мора да биде завршен во рамките на сегашниот мандат на Европскиот парламент, посочи тој.

Дополнително, германскиот канцелар рече дека шесте земји од Западен Балкан, на кои им беше ветено членство во ЕУ пред 20 години, мора наскоро да се интегрираат во ЕУ. Според него, изгледи за пристап треба да добијат и Молдавија, Украина и Грузија.