Фото: Пиксабеј

Претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел, кој денеска беше во ненајавена посета на Одеса, нагласи дека Москва нема да ја „уништи слободата на Киев“, и вети дека Брисел ќе стои покрај Украина „колку што е потребно“.

– Кремљ сака да го уништи вашиот дух на слобода и демократија – рече Мишел во видеото објавено на неговата страница на Твитер.

– Целосно сум убеден дека тие никогаш нема да успеат – додаде тој.

Мишел вети дека ЕУ ќе ѝ помогне на Украина „да изгради модерна, демократска земја“.

Мишел потоа бил принуден да се префрли во засолниште поради ракетен напад врз Одеса, јави германската новинска агенција ДПА.

Мишел ја посети Одеса за да го види влијанието на руската војна врз глобалните синџири на снабдување.

Украинската армија претходно денеска објави дека четири високопрецизни ракети Оникс биле истрелани кон Одеса од полуостровот Крим, што е под руска контрола.