Со формирање нова европска политичка групација, нова фракција во ЕУ
Три партии од три земји членки на ЕУ, австриската десничарска Партија на слободата (ФПО), потоа Фидес на унгарскиот премиер Виктор Орбан, како и чешката партија АНО, предводена од Андреј Бабиш, формираа „нов политички сојуз“, во кој поканија и други европски партии.
На заедничката прес-конференција во Виена тројцата лидери на партиите унисоно изјавија дека овој сојуз означува почеток на „нова ера“, нов политички сојуз и „нова фракција во ЕУ“.
– Ерата на една европска политика започна во 1989 година, со падот на Берлинскиот ѕид, но таа ера сега заврши како резултат на изборите за Европскиот парламент, истакна во својот настап на прес-конференцијата унгарскиот премиер Виктор Орбан. Тој изјави дека „одлучувачки момент на новата ера е формирањето нова европска политичка групација, која ќе ја промени европската политика“!
Кикл, лидерот на австриската десничарска Партија на слободата (ФПО), на истата прес-конференција истакна дека верува оти многу други европски партии ќе му се приклучат на новиот политички сојуз во наредните денови.
Целта на овој политички сојуз е да се формира нова фракција во Европскиот парламент, пренесуваат медиумите, наведувајќи дека тројцата лидери, меѓу другото, бараат поголемо одлучување на национално ниво, како и подобра одбрана на надворешните граници од миграција, и го критикуваат зелениот договор за Европа. Во Европскиот парламент има седум политички групи, а за да се формира една, потребни се 23 члена и во групата треба да бидат претставени најмалку една четвртина од 27-те земји членки на ЕУ.